Ванхауте повикан на утрешната седница на Анкетната за прислушувањето
Претседателот на Анкетната комисија за скандалот со прислушувањето Петре Шилегов го повикал на утрешното продолжение на седницата на Комисијата посредникот во разговорите за излез од политичката криза Питер Ванхауте за да се произнесе во врска со одлучувањето односно гласањето на претседателот на Комисијата во случај на еднаков број гласови.
Ова е едно од неколкуте суштински прашања за кои членовите на Анкетната комисија за скандалот со прислушувањето не можат да се договорат и да го донесат деловникот за работа.
- Во однос на прашањето дека претседателот гласа последен и во случај на поделба на гласовите одлучувачки е гласот на претседателот, за мене како претседател е недвојбено дека е усогласено во текот на разговорите и преговорите за основање на оваа Комисија дека во случај на еднаков број гласови по определено прашање начинот на којшто гласал претседателот ќе биде начин на којшто е донесена одлуката, рече Шилегов.
Според него, на тие состаноци присуствувале двајца пратеници на ВМРО-ДПМНЕ кои се членови на Анкетната комисија, а кои, како што кажа тврделе дека не слушнале за таква работа.
- Од тие причини како претседател на Комисијата, а со цел да не дојде до различно толкување иако како Анкетна комисија дадовме аргументи дека такви гласања има во словачкиот и во британскиот парламент, во текот на денешниот ден контактирав со посредникот при преговорите за основање на комисијата Питер Ванхауте и тој изрази спремност да се појави пред комисијата и да даде свој исказ со цел да немаме двојба во понатамошниот тек на расправата, објасни Шилегов, кој потоа ја прекина седницата и нејзиното продолжение го закажа за утре во 13 часот.
Во делот на одлучувањето, членот 16 од Предлог-деловникот за работа на Анкетната комисија за прислушувањето предвидува Комисијата да одлучува кога на седницата се присутни мнозинство членови. „Комисијата одлуките ги донесува со мнозинство гласови од вкупниот број на членови што е во согласност со одлуката за основање. Претседателот гласа последен. Во случај на поделба на гласовите одлучувачки е гласот на претседателот. Член на комисија кој не се согласува со усвоената одлука може да издвои свое мислење и има право да бара неговото мислење да влезе во записник, стои во предлог-членот.
Суштински разлики има и за членот 1 кој се однесува на тоа врз основа на кои законски акти ќе работи Комисијата, во врска со начинот и времетрањето на излагањето на сведоците и за тоа дали да има директен пренос на собранискиот канал на седници на Анкетната комисија.
Пратениците од ВМРО-ДПМНЕ бараат во членот 1 од Предлог текстот да биде наведено дека работата на Анкетната комисија ќе се заснова и на Законот на Собрание, Законот за следење на комуникациите, Законот за класифицирани информации и Законот за внатрешни работи со подзаконски акти, додека според опозициските пратеници тоа не е потребно бидејќи тие поседуваат безбедносни сертификати кои ги обврзуваат на чување државна тајна доколку на седниците на Комисијата има и такви документи.
Членовите на комисијата не се согласија ниту во врска со начинот на одлучување односно гласање за членовите од Деловникот. Пратениците од ВМРО-ДПМНЕ врз основа на Одлуката за основање на Собранието бараа членовите на Комисијата да гласаат член по член, додека Шилегов инсистираше да се гласа само за членовите за кои нема да се постигне согласност.
Претседателот на Анкетната комисија рече дека нема да дозволи надгласување од страна на една пратеничка група и оти тоа не треба да стане интенција на оваа комисија.
Антонио Милошоски од ВМРО-ДПМНЕ рече дека она што било изнесено од страна на пратеникот Саздов на координативните средби е ставот на пратениците од оваа партија и оти тие нема да бараат дополнителен збор на седницата за што поскоро да биде донесен Деловникот за работа.
- Нема друга пракса освен таа, секогаш се оди член по член. Во однос на општата расправа нема да земеме дополнителен збор за што побрзо да биде донесен Деловникот, рече Милошоски.
Ново на Сител
-
Чеферин му го честита изборот на Омерагиќ за претседател на ФФМ
-
Сообраќајот во зимски услови, забрани за тешки возила на Стража, Пресека, Ѓавато и Буково
-
Експлозија пред куќа во Прилеп, нема повредени
-
Градот Скопје и Сојузот на спортови на Скопје го награди Кикбоксот со пет награди на локално ниво
-
За 3.000 евра плата се приклучил на руската војска во Украина, уапсен 37 годишен скопјанец
-
Потврдена безбедноста на водата за пиење во Скопје
-
Обвинение за убиство на вонбрачна партнерка од страна на 33-годишник
-
Во прекин сообраќајот на патот Ресен - Охрид, кај превојот Буково поради сообраќајна незгода