Loading Video...
Македонија
21. July 2020 - 16:36

Вакцината на Оксфорд влева надеж - за Македонија ќе бидат потребни 200.000 вакцини

Вакцината против коронавирус на Универзитетот Оксфорд можно е да биде пуштена во употреба до крајот на годината, смета професорот Драган Даниловски. Тој во разговор за Сител вели дека Британците се најблиску до производство на заштита од Ковид од другите околу 200 лаборатории кои исто така работат на вакво откритие. Во септември ќе почне и последната фаза на тестирањето на оксфордската вакцина врз 30.000 граѓани. Според епидемиологот убедува фактот што главниот научник уште во експериментална фаза си ги вакцинирала 3-те деца близнаци.

-Сара Гилберт главниот научник истражувач за вакцината ги вакцинирала децата и зборува за убеденост. Вакцината обезбедува 2,6 пати поголема заштита во однос на уминитетот кај граѓани кои го прележале Ковид-19. Досега се велеше дека тие имаат 3 месеци умунитет и потоа се тврдеше дека антителата исчезнуваат, изјави за Сител професорот по епидемиологија Драган Даниловски.

И Македонија се надева на дел од 2-те милијарди најавени вакцини од Оксфорд за што има иницијатива за приклучување кон глобална набавка. Но засега нема информација колку дози планира да набави државата.

Професорот Даниловски смета дека за колективен имунитет потребно е да се вакцинира една третина од населението, но според него ова е тешко возможно и додава дека за стабилна епидемиолошка состојба со Коронавирусот доволно е да се заштитат  150 до 200.000 луѓе во земјава.

-Ако обезбедиме 9-10 проценти опфат со вакцините имајки во предвид репродукцискиот број кој сега е 1 ќе имаме стабилна ситуација и нема да има епидемиски раст, додаде професорот Даниловски.

И покрај скептичноста кон вакцините на дел од населението епидемиологот се надева дека ќе преовладат позитивните информации и голем број граѓани ќе се заштитат.

-Верувам дека колебливите кои чекаат поволна информација и кај нив да очекуваме регрутирање и да имаме каков таков успех, рече Даниловски.

Во меѓувреме додека да стигне вакцината против Ковид, професорот е категоричен дека пожелно е што повеќе граѓани да се заштитат и од сезонски грип, за да се исклучи можноста за инфлуенца доколку граѓаните пројават респираторни симптоми. Државата годишно набавува околу 30.000 дози за сезонски грип, а годинава планира двојно да ја зголеми нарачката, но според надлежните под знак прашалник е дали ќе има толкав интерес.

-И да има и 60.000 и 30.000 вакцинирано тоа прави разлика и ќе го олесни евентуално појавениот поголем број на заболени од Ковид-19, рече професорот Даниловски.