Бизнис
27. September 2016 - 16:24

Увозот на електрични возила со 0 проценти царина

Најавените мерки за воведување на електрични автомобили во сообраќајот се дел од пакетот кои ќе придоенсе за значителен придонес во заштитата на животната средина, велат експертите.

Како што најави Груевски, се предвидува увоз на електрични возила со 0% царина и без акциза. Даночната стапка од 18 се намалува на 5% со што на електричен автомобил од 30 илјади евра се заштедуваат 3900 евра.

Згора на тоа, за електричен автомобил до 25 илјади евра државата ќе дава субвенција од 3,5 илјади евра, а за автомобил од над 25 илјади евра субвенција од 5 илјади евра.  

Електричните возила ќе бидат ослободени од плаќање на патарина на сите патишта во период од 10 години, од плаќање на надоместок за патишта при регистрацијата во истиот период и 10 години бесплатно ќе паркираат на сите државни паркинзи и катни гаражни во Скопје и уште десетина градови.

На овие паркинзи, со закон се планира инсталирање на полначи, а цената на струјата ќе ја утврдува регулаторната комисија за енергетика. Полначи се предвидуваат и на паркинзите на сите хотели од 4 и 5 ѕвезди, а до крајот на 2019 и на секоја бензинска пумпа во земјата. Со закон новите згради ќе треба да имаат соодветни приклучоци за полнење на секое гаражно место.

Во сетот мерки се предвидува и секоја јавна институција половина од возилата кои ќе ги набавува во иднина да бидат електрични, а вакви возила ќе се воведат и во автобускиот и такси превозот. Проектот ќе биде ставен на јавна расправа и ќе биде отворен за сугестии, промени и дополнителни предлози.