Македонија
12. April 2023 - 19:54

Утврден пропуст во третманот на родилката чие бебе почина во битолската болница

Пропусти на гинекологот во третманот на родилката која го загуби бебето непосредно по породувањето во Клиничката болница Битола констатираше Државниот санитарен и здравствен инспекторат.

Дежурниот лекар која ја примил 24 годишната пациентка ноќта сабота кон недела со болки, по направеното ЦТЦ и земена крв за анализа и дал терапија (инфузија и ампула тродон) и ја пуштил дома бидејќи раѓањето не било започнато. Но, во евиденцијата докторот не ги внел дадените препораки, а нема ниту отпусно писмо. При промената на смена гинекологот не им пренел ниту на колегите дека ноќта имало таков случај за кој отворил историја на болест, ниту пак било евидентирано при рапортот.  Неколку часа подоцна жената повторно се вратила во болницата и тогаш дежурните гинеколози констатирале дека породувањето веќе било започнато.

-За време на породувањето присутен е и специјалист педијатар – неонатолог Од увидот во неонатолошкиот картон за лекување и третман на новороденото на В.К констатирано е дека уредно се пополнети сите рубрики. Родено е живо машко дете со АПГАР 2. По неуспешна 10 минутна реанимација од страна на неонатологот, повикан е анестезиолог и контактирана е  ЈЗУ УК за детски болести и побаран е транспорт со инкубатор. И покрај упорната реанимација во траење од 2,35 часа во 18.25 ч. констатирана е смрт на новороденото од страна на присутните лекари, изјави д-р Рената Младеновска, директор на ДСЗИ.

Бидејќи во евиденцијата не била посочено дека е дадена терапија за провокација, стручната комисија формирана од министерот треба да утврди дали тродонот го забрзал процесот на породување.

За констатираните недостатоци ДСЗИ против гинекологот, болницата и директорот ДСЗИ ќе пшоднесе прекршочни пријави за прекршување на законите  за здравствена заштита и евиденции во здравството за што глобите се движат од 250 евра за лекарот до 10.000 евра за установата.

Случајот со починатото бебе го следи и битолското обвинителство, каде ги чекаат резултатите од обдукцијата и извештаите од ДСЗИ и стручната комисија.

Се уште не се готови ниту наодите за малата Јана. За овој случај, нов протест овој пат пред Битолската болница ќе се одри вечерва.

Вчера оставка од морални причини си поднесе директорот Александар Обедниковски, а на негово место е назначена  Елизабета Ивановска специјалист-интернист, раководител на Интерно одделение на болницата.