Македонија
14. August 2015 - 16:44

Утре стартува културно лето во Карпош

Со целовечерен концерт на македонската музичка дива Калиопи утревечер стартува осмото Културно лето во општина Карпош. Во следните две недели на различни локации низ општината граѓаните секојдневно ќе уживаат во богатата понуда на класична, џез и поп музика, ликовни изложби и театарска претстава.

-Имаме гости од Турција, Полска, Србија и Црна Гора од збратимените градови на општина Карпош. Имаме целодневен ликовен хепенинг кој завршува со изложба на делата што уметниците ќе ги творат тој ден со пропратни активности, со концерт, со поетско читање, така да мислам дека тоа ќе бидат интересни денови и интересни вечери за граѓаните на општина Карпош и нормално за сите останати жители на град Скопје, рече Горан Михајлов, претседател на организациски одбор.

-Ги покануваме од наше име, од името на општината, градоначалникот и Советот сите граѓани во зависност од својот интерес да ја посетат оваа програма и во зависност од тоа што ги интересира да дојдат и да видат што сме припремиле. Ќе има многу изненадувања, ќе има убави вечери кои заеднички ќе ги поминеме, рече претседателот на Советот на општина Карпош, Сашо Лазаровски.

Еден ден пред затворањето на традиционалната манифестација, скопјани ќе уживаат во настапот насловен „Огнен Неделковски и новите дечки“, музичка вечер каде во придружба на Скандал Састав ќе пеат учесниците на изминатите две сезони на Х-фактор, Даниел Кајмакоски, Боби Мојсовски и Давид Темелков. Сите концерти, претстави и перформанси ќе бидат отворени и бесплатни за сите граѓани.