Македонија
10. July 2023 - 16:32

Утре редуциран јавен превоз поради штрајк на дел од возачите во ЈСП

Редуциран број на автобуси на ЈСП утре ќе возат во Скопје поради најавениот штрајк на еден од синдикатите во јавното претпријатие. Околу 200 членови на синдикалната организација СПАЈС меѓу кои и возачи ќе протестираат наутро од 4.30 до 12.30 часот. Тие кои се втора и трета смена потоа ќе си занинеле дома и нема да седнат во автобусите, велат од Синдикатот.

- Тие што се членови нема да возат, превозот ќе биде со помал број на автобуси, изјави Марјан Поповски, претседател на СПАЈС на Македонија.

Барањата на Синдикатот СПАЈС поради кои се одлучиле за штрајк е усогласување на минималната плата со колективниот договор, неисплата на прекувремени часови ниту хранарина на работниците во ноќната смена.

- Нема систем за наплата на прекувремена работа и овие часови им се крадат на работниците, вели Поповски.

За утрешниот штрајк СПАЈС нема подршка од другите Синдикати во ЈСП. Од гранковиот кој брои 780 од 1300 вработени во претпријатието велат дека утре ќе има автобуси на улиците во главниот град, а за барања на нивните колеги велат дека се конфузни и антисиндикални.

- Мислам дека е многу аматерски направен затоа што штрајк бара претходни подготовки и мировен процес, изјави Миќо Стојановски, претседател на гранковиот синдикат за сообраќај и врски при ССМ.

Од ЈСП се огласија преку соопштение и тврдат дека утре јавниот  градски превоз ќе функционира редовно и без задршки.

Апелираме до медиумите да бидат одговорни и да не шират лажни вести и паника кај граѓаните.

Истовремено, сакаме да потенцираме дека причината за штрајк на новоформираниот синдикат, четврти по ред, е нелегитимна бидејќи од 1 јуни зголемена е платата на сите вработени во ЈСП.

Апелираме, медиумите и синдикатите да не дозволуваат да бидат инструментализирани од политиканти и политички бандити,  стои во соопштението испратено од ЈСП.