Утре протест на пензионерите во Скопје
Во пресрет на утрешниот голем протест кој што на Светскиот ден на пензионерите ќе се одржи пред Влада во Скопје, прилепските пензионери попладнево одржаа уште мирен собир на плоштадот Александрија каде ги повторија барањата од кои нема да отстапат се до нивно исполнување. А тоа се линеарно покачување од 3.500 денари за секој пензионер и промена на методологијага за понатамошна пресметка на пензијата. Обвинија и за притисоци кон пензионерите од страна на одредени членови на Здружението на пензионери на Прилеп за да не се оди на протестот утре во Скопје.
„Притисоците се преку Здружението на пензионери, тие си оделе по ограноците и им кажувале на пензионерите да не излегувата и да не даваат поддршка на протестите кои се одржуваат. Луѓето со 10.500, 13.300, 15.000 денари да издржат, односно не можат основните продукти и основните потреби да си ги задоволат, пред се лекарствата. Ако купат лекарства ќе немаат за храна, ако купат храна ќе немаат за лекарства. Значи доста е, ќе им кажеме и на премиерот и на министерката, овие луѓе мора да живеат“, рече Верче Јанческа, пензионер
Крајно се револтирани на Здружението на Прилеп од каде не им платиле ниту еден автобус за Скопје иако пензионерите побарале дури и да партиципираат во одреден дел од картите. Сега ќе одат со 3 автобуси кој што им ги обезбедила локалната самоуправа, а еден автобус кој што ќе го закупат со сопствени средства. Упатија апел до сите пензионери масовно да излезат на протестот за да добијат примања за каков таков пристоен живот.
„Да дојдат, да не се плашат, да го слушне Владата нашиот глас и нашето незадоволство, затоа што ние сме чесни луѓе, чесни граѓани кои само ги бараме тие минимални и би рекла смешна сума на пари на оваа висока инфлација, за еден крпен живот“, кажа Вера Чапкуноска, пензионер.
Утре ќе побарале одговор од Владата зошто во изминатиов период минималната плата пораснала 2,5 пати повеќе од пензијата, дали е точно дека граѓани на Косово земаат пензија од нашиот Фонд, ако еден граѓанин плаќа за пензија до 64 години а просечниот век на граѓаните бил околу 73 години, како можело да нема пари во Фондот. Ќе побарале и решавање на проблемот со пензионерите кои работеле во поранешните загубарите, чиј стаж не е евидентиран и сега поради тоа земаат пониски пензии.
-
Дарко Штарговски
Сите содржини од овој новинар