Македонија
21. December 2017 - 17:12

Утре почнува третиот Национален МОС натпревар

Третиот Национален МОС (Microsoft Office Specialist) натпревар за покажување вештини во познавање на апликациите Word, Excel и PowerPoint ќе почне утре и ќе трае до 30 мај кога ќе се одржи големото финале. 

Право на учество на натпреварот имаат сите на возраст од 13 до 22 години - ученици од основните и средните училишта и студентите. Победниците ќе учествуваат на Светскиот МОС натпревар 2018 во САД. Организатор на Националниот натпревар е Certiadria, а целта е да се унапреди дигиталната писменост кај младите во Македонија. 

Директорот на Certiadria Марко Серафимовски на прес-конференција рече дека ова е можност Македонија да биде меѓу 140-те земји кои ќе имаат свој претставник на светскиот натпревар. 

- Учесниците на натпреварот ќе се тестираат во најбитните и најупотребуваните Мајкрософт алатки во светот - Ворд, Ексел или Пауерпоинт, што веодно се и третата најбарана вештина да ја поседуваат сите ученици во светот, по пишувањето и читањето. Натпреварот почнува утре и ќе трае до 30 мај кога ќе се одржи големото финале, рече Серафимовски.

Учениците во целиот период се тестираат и нивните резултати, како и имињата на нивните ментори, ќе бидат наведени на официјалната страница: mosnatprevar.mk, каде што ќе биде познато кој на која позиција се наоѓа се до затворање на натпреварот. Од 40-те финалисти во Скопје ќе биде избран победникот што ќе ја претставува Македонија во САД.

Град Скопје е официјален партнер во организацијата и спроведувањето на Националниот МОС натпревар и во соработка со средните училишта набавува лиценци кои содржат МОС испити.

- Со тоа им овозможуваме на учениците бесплатно полагање на испитите и стекнување со меѓународно признат МОС сертификат. Во изминатите две години Градот директно поддржа 750 ученици овозможувајќи им бесплатно полагање на МОС испитите. Во 2018-та е планирано да набавиме четири МОС лиценци со по 100 испити и една АСА лиценца со 100 испити или вкупно 500 испити. Првпат ќе им овозможиме на средношколците да полагаат и АСА испит и со тоа да се здобијат со Adobe Certified Associat сертификат, рече градоначалникот Петре Шилегов.

Националниот МОС натпревар е поддржан од Министерството за информатичко општество и администрација. Министерот Дамјан Манчевски истакна дека особено им е важна поддршката на младите во дигиталната писменост во комбинација со формалното образование.

На прес-конференцијата присуствуваа и ги споделија своите искуства победниците од минатите два натпревара кои учествувале на меѓународниот МОС натпревар во САД: Марко Марковиќ во 2016-та и Драгана Јакимова во 2017 година.