Македонија
19. April 2019 - 20:48

Утре и на 4 мај ќе се вадат лични карти по итна постапка

Сите Одделенија за управни работи ќе работат в сабота и недела (20. и 21.04.2019 и на 04 и 05.05.2019 година), информираат од Министерството за внатрешни работи.

Сите барања за издавање лична карта (оштетена, изгубена или украдена), по законски спроведената постапка, ќе се одобруваат итно во сите регионални Одделенија за управни работи при Министерството за внатрешни работи и тоа само доколку подносителот не поседува биометриска патна исправа.

Барањата за лични карти ќе се примаат и одобруваат итно заклучно со сабота (20.04.2019 година) до 16.00 часот. Веднаш по примањето на апликациите за лични карти, Одделот за информатика ќе ги изработува и ќе ги доставува до надлежниот сектор за навремена дистрибуција до Одделенијата за управни работи. На денот на претседателските и локалните избори (недела, 21.04.2019 година) Одделенијата за управни работи ќе работат само за издавање на лични карти во периодот од 07.00 до 19.00 часот.

Истото ќе важи и за вториот круг кој ќе се одржи на 05.05.2019 година. Барањата за лични карти ќе се примаат до 04.05.2019 до 16.00 часот, а на денот на изборите 05.05.2019 година ќе се издаваат во периодот од 07.00 до 19.00 часот.