Утре е Св. Архангел Михаил - Водачот на небеските војски се симнува меѓу луѓето, ако на болниот му застане кај главата, сите болки ќе изчезнат
Според календарот на МПЦ, утре се празнува Светиот Архистратиг Михаил и останатите Сили небесни и бестелесни
Од длабоката древност Божјите ангели се празнувани од луѓето. Но тоа празнување често се одметнуваше во обожување на ангелите (4 Царства 23, 5). Еретиците прикажуваа сешто за ангелите. Некои од луѓето во ангелите гледаа богови, други иако не ги сметаа за богови ги нарекуваа создатели на сиот видлив свет. Лаодикискиот помесен собор којшто се одржа четири или пет години пред I Вселенски Собор, со своето 35 правило го отфрли поклонувањето на ангелите како на богови и го востанови правилното почитување на ангелите. Во времето на папата Силвестер и александрискиот патријарх Александар (4 век), беше востановен овој празник на Архистратигот Михаил со другите небесни Сили, во месецот ноември. Зошто токму во ноември? Зашто после март ноември претставува деветти месец. А се смета дека во месецот март било создавањето на светот. А деветтиот месец после март е земен заради деветте ангелски чинови, коишто се најпрво создадени. Св. Дионисиј Ареопагит, ученик на Св. апостол Павле, т.е. на оној апостол којшто беше воздигнат до третото небо, овие девет ангелски чинови ги опиша во книгата „За небесната Јерархија“. Тие чинови се следните: шестокрилите Серафими, многуоките Херувими и богоносните Престоли, Господствата, Силите и Властите, Началата, Архангелите и Ангелите. Војвода на целата ангелска војска е архистратигот Михаил. Кога сатаната, Луцифер, отпадна од Бога и со себе ги повлече во пропаст еден дел од ангелите, тогаш Михаил стана и возвикна пред неотпаднатите ангели: „Да внимаваме! Да застанеме добро, да стоиме со страв!“ И сите небесни војски на верните ангели громко запеаја: „Свјат, Свјат, Свјат Господ Саваот исполн небо и земља слави Твојеја!“ (за Архистратигот Михаил види во Книгата на Исус Навин 5, 13 - 15). Меѓу ангелите владее совршено едномислие, еднодушност и љубов, а покрај тоа и потполна послушност на пониските чинови кон повисоките и на сите заедно кон светата Божја волја. Секој народ си има свој ангел пазител, а освен тоа и секој христијанин има свој ангел пазител. Треба секогаш да се сеќаваме дека што и да правиме, јавно или тајно, го правиме тоа во присуство на својот ангел-чувар. А на денот на Страшниот Суд сето огромно мнозинство ангели ќе се соберат околу Христовиот престол и пред сите нив ќе се објават сите дела, зборови и помисли на секој човек. Да не помилува Бог и да не спаси по молитвите на Св. архистратиг Михаил и на другите небесни бестелесни сили. Амин.
Собор на Свети Арханѓел Михаил
Празник на војводата на сите ангели
Меѓу поголемите есенски празници што нашиот народ ги празнува со домашни служби е и празникот Собор на свети архангел Михаил, меѓу народот попознат како Аранѓел, Оранѓел или Аранѓеловден. Црквата го определила овој ден за празник во чест на сите ангели, а најмногу на свети архангел Михаил кого го смета за водач на сите небесни сили.
Именден празнуваат: Ангел, Ангелина, Михаил, Мила, Милка, Михаила, Михо, Рајко, Рајна, Ратка...
Празникот Собор на свети архангел Михаил што се празнува на 21 ноември според новиот (или на 8 ноември според стариот) календар меѓу народот е познат едноставно како Аранѓел, Оранѓел или Аранѓеловден. Многу семејства го имаат за домашен празник и го празнуваат со домашни служби, а и општо е верувањето дека тој спаѓа меѓу поголемите празници.
Пред да го создаде материјалниот свет (земјата, небото, ѕвездите, човекот итн.), Господ го создал духовниот свет ‒ ангелите. Ангелите се духови поради што се невидливи, а за подобро да бидат сфатени и за да се создаде претстава за нив на фреските и иконите се претставени во човечка форма. Тие се Господови гласници (ангел значи весник) ги пренесуваат божјите заповеди поради што на фреските се претставени со крилја. Тие се поим за младост и безгрижност поради што се претставени како деца бидејќи староста, обелувањето на косата и брчките на лицето се последица на животните грижи и страдања. Тие се насликани во бела облека што симболизира душевна чистина и невиност. Единствено архангел Михаил е претставен во војводска облека. Зошто архангел Михаил е насликан како војвода?
Во почетокот сите ангели биле добри. Подоцна некои од нив станале лоши, се одметнале од Бога и почнале да прават злодела. Нив ги викаме ѓаволи. Еден меѓу нив по име Деница, заслепен од големата моќ што му ја дал Бог, се одметнал од Бога, собрал големо друштво и создал цело невидливо небесно духовно царство. Свети архангел Михаил го победил, го симнал од небото, а и подоцна продолжил да се бори за славата Божја поради што е претставен во војводска облека со меч и копје во рацете.
Тогаш, кога некои ангели почнале да го напуштаат Бога и станале лоши архангел Михаил ги собрал сите ангели и како знак на верност кон Бога почнал заедно со нив да ја слави Света Тројца со песната: Свет, Свет, Свет е Господ Саваот. Во спомен на овој собир црквата го востановила празникот Собор на свети архангел Михаил што се празнува на 21/8 ноември. Со овој празник им се оддава признание на сите ангели кои ги има безброј. Зошто токму на овој ден се празнува денот на ангелите? Според некои истражувачи месецот ноември е одбран поради тоа што во поранешното сметање на времето, кога годината започнувала од март, ноември бил деветти месец, а девет се чиновите ангелски. Денот осми (според стариот календар) е одбран поради тоа што на осмиот ден од страшниот суд ќе дојде Исус да им суди на живите и мртвите.
Како што беше споменато се верува дека има многу ангели. Тие претставуват цела небеска војска раководена од Господ Саваот (а Саваот значи господар или командант над војската). Тие се поделени во девет чинови, групирани по три степени, со по три чина. Во првиот степен влегуваат шестокрилите серафими, многуоките херувими и престолите, во вториот спаѓаат господствата, силите и властите и во третиот начелниците, арангелите и ангелите. На некои им се знаат и имињата како на пр. Гаврил, Рафаил, Урило, Салатиј, Егудило, Вархило.
Во народното верување архангел Михаил е претставен како со меч им ги зема душите на луѓето, поради што во некои места (Радовиш) е наречен „Арангел душевадник".Во Радовишко било обичај на Аранѓеловден да се оди на гости во с. Ињево каде што три фамилии колеле заеднички курбан. Се раскажува дека им се јавувал на сон некој глас и им велел да заколат курбан и тие тоа го правеле секоја година на овој ден приредувајќи гозби за гостите. Кузман Шапкарев забележал дека на Архангеловден во Охрид ги колеле свињите специјално ранети за таа зима од кои правеле пастрма, сланина и колбаси и на нивните слезинки гледале и претскажувале каква ќе биде зимата.
Во Гевгелиско, како што запишал Стефан Тановиќ, „Свети Ранѓила" го замислувале со терезија во едната и сабја во другата рака со која на луѓето им ги вадел душите. Според преданието од овој крај тој стоел на рајските врати и на терезијата од едната страна ги ставал добрите дела на човекот, од другата гревовите и во зависност од тоа што ќе претежнело луѓето ги праќал во рајот или во пеколот. Марко Цепенков на едно место запишал дека „кога ќе умирал чоек, ангелот му се јавуал откај глаата, а смртта откај нозете. (На праведниот му се јавуал ангело и смртта многу весели, а на грешнио ‒ многу смуртени и страшни.) (...) Ангело бил со ножо в раце и со терезија, а смртта со една торба алати, како од некој мајстор, турли-турли алати имала: тесла, тесличе, пиличка, пила, секира, глето, копан и друзи многу". М. Цепенков забележал дека и кога се венчавале луѓето ангелот Божји стоел до нив.
„За прва венчанија на зет и невеста, кога се венчаваат, му идел ангел Божи од небото и стојал над младоженците на рамената, та му држел венците и штом да се довенчаат, ќе летнел ангелот на часот и ќе појдел кај Бога, та ќе му кажел. Второ венчање пак ангелот идел, ама назад од младоженците стојал и по една недела ќе одел кај Бога за да му кажит. А пак во треќата венчанија ангелот многу скраја стојал и ич не одел кај Бога за да му кажи за да се радуат ангелите".
Уште еден ден од православниот календар е поврзан со името на архангел Михаил. На 19/6 септември се празнува „Спомен на чудата на св. архангел Михаил", во спомен на чудото во Хон, место во Фригија, кога свети архангел Михаил ја спасил црквата од уривање од неверниците, кога водата што требало да ја потопи ја свртел во друга насока.
Ново на Сител
-
Граѓаните да ги заменат возачките со старо уставно име заклучно со Нова година апелира Тошковски
-
Претседателот на Реал не е задоволен од Мбапе
-
Не ми требаат скапи работи и Мерцедеси | Бомбакис | Лабави муабети со Марко | Sitel Podcast 070
-
Фернандеш: Аморим ја врати возбудата во Манчестер Јунајтед
-
Ристовски ја најави првата поголема капитална инвестиција во спортската инфраструктура
-
Раниери се врати во Рома
-
Шефот на бразилската полиција: Нападот бил насочен кон судијата Алехандре Де Мораес
-
Македонија до 21 загуби од Косово на првата контролна средба