Македонија
3. March 2021 - 13:15

Усвоен предлог - закон од Владата за прогласување на дел од Шар Планина за заштитено подрачје

 Предлог-законот за прогласување на дел од Шар Планина за заштитено подрачје во категорија II – национален парк, подготвен од Министерството за животна средина и просторно планирање, е усвоен на вчерашната 50-та седница на Владата.

-Со тоа земјава ќе го добие четвртиот национален парк, по прогласување на последниот во 1958 година. Доколку Собранието го поддржи и усвои овој наш предлог ќе го добиеме првиот национален парк од прогласувањето на неазвисноста со што вкупната површина на заштитени подрачја на национално ниво ќе изнесува 13,2 отсто, соопшти денеска на прес-конференција министерот за животна средина и просторно планирање Насер Нуредини.

Основна цел на ова законско решение е прогласување на дел од Шар Планина за заштитено подрачје од втора категорија – Национален парк, заради обезбедување заштита на исклучителните природни убавини и вредности, разновидноста и богатството на биодиверзитетот, геодиверзитетот, хидролошките карактеристики, пејзажните, пределните и други вредности, како добра од јавен интерес.

Нуредини информира дека откако Собранието ќе го усвои законот, Владата ќе треба да основа јавна установа национален парк во рок од три месеци за што се обезбедени средства од буџетот.