Македонија
13. April 2022 - 21:16

Уставниот суд не функционира

Заглави работата во Уставниот суд поради недостатокот на судии.  Поради недоволно мнозинство на гласови денеска иако биле ставени на дневен ред не биле донесени одлуки за три иницијативи за утврдување на уставност и едно барање за заштита на човековите права и слободи, информираат од Судот.  Уште 30 други предмети имаат иста судбина.

Имено, наместо со 9, Уставниот суд од Нова година работи само со петтмина уставни судии, што е минимум за носење на одлуки, бидејки Собранието никако да го почне изборот за пополнување на испразнетите места.

 „ Состојбата загрижува со оглед дека остануваат голем број на предмети поради недобиено мнозинство, а постои опасност иницијативите кои во меѓувреме пристигнуваат да треба да чекаат повеќе од предвидениот период за ефикасно решавање кое Судот го предвиде во годишната програма“, се вели во соопштението од Судот.

Како што објавивме вчера, и по еден месец од кога е комплетирана собраниската Комисија за избори и именувања, процедурата за избор на уставни судии стои во место.

Од ВМРО-ДПМНЕ велат дека власта го одложува изборот бидејки бара партиски кадри.

Од опозицијата бараат за уставни судии да бидат избрани независни кандидати што ќе бидат поддржани од сите партии. Од СДСМ пак, коментираат дека нема тактизирање и меѓукоалициски пазар за уставни судии.

Новата претседателка на собраниското тело Марија Ѓорѓиевска од СДСМ вели дека не закажува Комисија бидејќи официјално немало предлози од партиите, но очекува дека наскоро тоа тие ќе го сторат.

Претседателката на Уставниот суд Кацарска во февраури му пиша на собрнаискиот сшикер Џафери дека ситуацијата со кворумот и мноизнството во Судот е сериозна.