Уставниот суд ќе одржи подготвителна седница за Законот за јазиците
Уставниот суд на Северна Македонија денеска одлучи да одржи подготвителна седница за расправата по иницијативите за оценување на уставноста и законитоста на Законот за употреба на јазиците.
Судијата известител Елизабета Дуковска предложи да се одржи подготвителна седница, што доби поддршка од повеќе судии, вклучувајќи ги Ана Павлова Данева, Татјана Васиќ Бојаџиева, Јадранка Дабовиќ и Дарко Костадиновски. Судијата Добрила Кацарска не се согласи со предлогот, сметајќи дека веќе има доволни подготовки.
Поддржувачите на одлуката ја истакнаа важноста на подготвителната седница за да се покажат дека владее правото и дека уставноста не се брани на улиците, туку во судот. Тие повикаа на трпение и доверба во институциите и нагласија дека одлуката ќе помогне во отфрлањето на наводите за политизација.
Според одлуката, на првиот нареден работен состанок ќе се разгледаат предлозите за спорни прашања и учесниците во расправата.
Уставниот суд денеска ја одржува 32-та седница на која меѓу точките на дневен ред се и иницијативите за оценување на уставноста и законитоста на Законот за употреба на јазиците во однос на Указот за негово прогласување, на Законот во целина, како и одделно сите 25 членови на законот. На седницата не присуствуваат судиите Осман Кадриу и Насер Ајдари.
Непосредно пред гласањето на дневниот ред предложен за оваа седница, судијата Фатмир Скендер предложи точката со иницијативите за оценување на уставноста и законитоста на Законот за употреба на јазиците да се одложи поради отсуството на двајцата судии. Предлогот не беше профатен со што судијата Скендер одлучи да не присуствува на расправата по првата точка.
Предметот за Законот за јазиците е составен од 13 иницијативи од различни граѓани, политички партии, здруженија, оформен е во 2019 година, а стана актуелен есенва по забелешките на Венецијанската комисија.
По однос на иницијативите, Уставниот суд може да ги отфрли, да одлучи да поведе постапка за законот во целост или само за делови од него, да ја запре времено неговата примена додека да донесе конечна одлука, или да го прати на доработка во Парламентот.
Подносители на иницијативите за оспорување на одредби од Законот за употреба на јазиците се партиите ВМРО-ДПМНЕ и Левица, Здружението „Светски македонски конгрес“, Солза Грчева, Тања Каракамишева Јовановска, Јове Кекеновски, како и Васко Лазескии, Ивана Митевска, Томе Тодоровски, Клементина Брзановска и Владимир Стефановски. Уставниот суд го сочинуваат девет судии од кои шестмина се Македонци, а тројца се од помалите етнички заедници – двајца Албанци и еден Турчин.
Ново на Сител
-
Реакција на Фрчкоски по прес-конференцијата на Муцунски
-
Рогов: Руските сили го освојуваат Курахов
-
Новата сириска влада ги предупреди граѓаните да не крадат јавен имот
-
Слаб снег провејува на Попова-Шапка и на преминот Пресека
-
Скопјанец нападнат од сопственик на авто сервис во Чаир
-
Охриѓанка измамена за 300.000 денари
-
Почна автобуски превоз од Тетово до Попова Шапка, градоначалникот најави поддршка за ски центарот
-
Опожарено возило во Аеродром, нема повредени