Успешно функционира проектот за вработување на лицата со инвалидитет
Мислел дека никогаш нема да најде работа но среќата му се насмевнала. 48-годишниот Ифтим Тренчев од Скопје е само еден успешен пример кој преку мерката за вработување на лица со инвалидитет, веќе една година работи како курир во Министерството за труд и социјална политика.
Поради проблемите со ногата, тој повеќе од 12 години барал работа и се борел за егзистенцијата на своето семејство. Преку можноста која ја добил со овој владин проект, Ифтим денес е ередовно вработен и одлично прифатен од своите колеги.
Слична е животната приказна и на 31-годишниот Ивица Симјановски, дипломиран правник на универзитетот „Св. Кирил и Методиј“. Благодарение на својата стручна подготовка тој повеќе од една година е вработен во Јавното обвинителство. Вели сосема случајно се пријавил на конкурсот кој го објавил Министерството за труд и социјална политика и добил работа која му го променила животот на подобро.
Министерот Диме Спасов вчера потенцираше дека проектот за вработување 300 лица со интелектуална попреченост и телесен инвалидитет како дел од владината програма е во завршна фаза.
„Со огласот беа опфатени најранливите лица со инвалидност кои подолг период се без работа и се во најтешка материјална состојба“ рече министерот за труд и социјална политика Диме Спасов.
Преку овој проект најголемиот дел од лицата со инвалидност добија работа во повеќе од 105 државни институции , а значително се влијаеше и врз свеста на граѓаните дека лицата со хендикеп се дел од нашето секојдневие и тие треба да да бидат рамноправни и прифатени.
-

Деспина Тодоровска
Сите содржини од овој новинар
