Свет
23. November 2015 - 8:44

Уште една џихадистичка група од Мали ја презеде одговорноста за атентатот во хотелот во Бамако

Уште една џихадистичка група, која е активна во централниот дел на Мали, синоќа презеде одговорност за крвавиот атентат од петокот во хотелот „Радисон блу" во Бамако, и соопшти дека освен двајцата убиени атентатори тројца други успеале да избегаат, пренесоа француските медиуми.

Паралелно со групата Ал Мурабитун, на Алжирецот Мохтар Белмохтар, и оваа група синоќа преку аудио снимка на арапски јазик, што беше емитувана на телевизијата Ал Џазира и од еден мавритански сајт, ја презеде одговорноста за нападот .

Ал Мурабитун соопшти дека во нападот учествувале двајца Малијци.

„Фронтот за ослободување на Масина (ФОМ) ја презема одговорноста за нападот врз хотелот „Радисон“ во Бамако, во содејство на Ансар Дин (џихадистичка група од Северот), се наведува во коминикето испратено до дописништвата на француските медиуми во Бамако и потпишано од портпаролот на ФОМ, Али Хама.

Групата на радикалниот лидер, проповедникот Амаду Куфа, е активна од почетокот на годината, забележаа  француските медиуми.

„Овој напад е реакција на нападите на француските војници врз силите на Фронтот и на Ансар Дин, изведувани со помош на малиската армија и на некои западни земји“, се наведува во коминикето.

Портпаролот даде детали за нападот врз  хотелот, во кој загинаа 19 негови гости и малиски жандарми и беа убиени и двајца напаѓачи. Во коминикето се тврди дека нападот е извршен од петмина напаѓачи, од кои тројца останале неповредени.

„Способни сме да удриме во секој момент“, соопшти ФОМ и вети дека ќе ги зголеми нападите врз економските, политичките и туристичките објекти, пред да ја заземе цела Масина (регион во централен Мали) и во него да воведе шеријат.