Македонија
29. January 2018 - 17:00

Уште еден пожар со трагичен крај, мајка и син изгореа во семејна куќа во Битола

53 – годишната Фатма Ангелова и нејзиниот 17 – годишен син изгореа во пожар кој рано утрово избувнал во нивната семејна куќа на улицата Девејани во Битола. Трагедијата се случила околу 4 часот додека семејството спиело. Главата на семејството, 60 – годишниот Томе, инаку тешко болен, го преживеал пожарот бидејќи во моментот кога пламените јазици започнале да ја голтаат трошната куќа, тој бил во тоалетот, надвор од куќата. Немоќен да влезе во куќата и да им помогне на најблиските, тој побарал помош од соседите, кои започнале да го гаснат пожарот со црева, но веќе било предоцна.

По неуспешните обиди да ги спаси сопругата и синот, Томе заради тешката здравствена состојба, бил префрлен во Клиничката болница во Битола. Ништо повеќе од локализирање на пожарот не можела да направи и противпожарната служба која гаснела со пет пожарникари и две возила.

Јавен обвинител и екипа на Секторот за внатрешни работи од Битола утрово извршиле увид на лице место. Од полицијата велат дека преземаат мерки за утврдување на причините кои довеле трагедијата.