Македонија
11. November 2022 - 12:28

Управниот Одбор на М-НАВ попушти под притисок на јавноста - До крајот на денот ќе се одобри стартот на обуката за контролори за летање

Осумте кандидати за контролори на летање ќе започнат школување во Данска. Сител од свои извори дознава дека во текот на денов управниот одбор ќе им ги потпише потребните документи, но претходно ќе се направи уште едно интервју со сите. Постапката би требало да биде комплетирана денеска, а со надлежните во Данска веќе се разговара на кој датум треба да заминат кандидатите.

Ова следи по притисокот од јавноста, откако се појави информација дека тројцата членови на управниот одбор сакаат да го поништат огласот за контролори на летање бидејќи меѓу избраниците не се нивни блиски и членови на ДУИ.

Вчера 12 вработени во М-НАВ, заменици на директорите, началници, инструктори, експерти, раководители на сектори поднесоа оставки, но рекоа дека ќе ги повлечат само во случај ако директорите ги испратат осумтемина избрани на неопходната обука. Дали денеска ќе се вратат на позициите, засега не се знае. Сител контактираше дел од нив, но не сакаа да коментираат.

Рокот за огласот истекува за 9 дена.