Македонија
19. October 2023 - 16:33

УПОЗ на протест, работната група на состанок без администрација во правосудството

„Ако работната група од пет министри не почне да преговара уште денеска, од утре ќе следува целосна „парализа“ на правосудството“. Ова го порачаа административците од јавните обвинителства од целата држава. Околу 300 вработени го кренаа гласот и протестираа пред Владата. Се заканија дека ако надлежните не им ги исполнат барањата, од утре нема да ги обработуваат ниту итните случаи како притвори, претреси и неодложни жалби.  

 „Денеска е 17. ден од штрајкот на јавните обвинителства, а Владата и обвинителот мува не ги лази. Доколку Владата мислеше дека ќе ги излаже штрајкувачите и дека штрајкот ќе се прекине или ќе се стави во мирување, се излажа. Штрајкот нема да престане. Штрајкувачите од ден на ден се се’ посложни“, изјави Трпе Деаноски, претседател на Синдикатот при  УПОЗ.

Штајкувачите потенцираа дека секое понатамошно пролонгирање и избегнување на решение ќе предизвика дополнителен гнев кај административците во јавните обвинителства.

„Револтот станува се поголем. Од утре најверојатно започнуваме со поголемо заострување на штрајкот и би сакала навистина да упатам еден апел, дека доколку планираат да го решат проблемот со нашите плати, да седнеме што поскоро. Доколку не планираат, тогаш тие си знаат. Ако една држава треба да има обвинителство, коешто не работи и не функционира, каде што застаруваат истрагите во моментот, бидејќи не работиме, тогаш не знам што да кажам. Нека оцени народот“, изјави Изабела Илева, претседател на Синдикална организација при јавни обвинители.

Денеска претпадне се одржал состанок меѓу надлежните министри, потврдија за Сител од владата, но без претставници од УПОЗ и судската администрација.

„На состанокот министрите ги разгледаа барањата и разговараат за сите отворени прашања и проблеми со цел да се најде заедничко, компромисно решение кое ќе биде од интерес на засегнатите страни и нема да се наруши работниот процес.

После разгледување на можностите и изнаоѓање на решенијата на сите отворени прашањата ќе биде свикан нов состанок на кој ќе бидат повикани и претставници од судските административци и УПОЗ. 

Владата е секогаш отворена за дијалог и работи на подобрување на платите на сите вработени во јавниот сектор. 

Судската администрација минатата година добија 15% додаток на платата кој стана составен дел од платата. Дополнително со општиот колективен договор тие добија уште 10% покачување на платите, истотака добија и порамнување на платите со минималната плата.

Според новиот колективен договор се очекува во март 2025 година да има покачување на платите над 10%, што и ќе продолжи секоја година понатаму“, велат од Влада за СИТЕЛ.

Посочувајки кога биле покачени платите на вработените во јавните обвинителства и најавувајки ново покачување во март следната година од влада уверуваат дека биле отворени за дијалог и работеле на подобрување на палтите на сите вработени во јавниот сектор.