Македонија
21. August 2019 - 10:42

Уништени половина од 120 брези во кумановската населба „Карпош“

Речиси половина од 120 брези насадени лани во кумановската населба „Карпош“ се уништени, информираа денеска надлежните од кумановското претпријатие „Чистота и Зеленило“. Брезите ги насадија екипите на „Чистота и Зеленило“ лани во есента во рамки на акцискиот план на општина Куманово како дел од мерките за намалување на аеро-загадувањето.

-Уништени им се крошните, садниците се преполовени. Случајот е пријавен кај надлежните институции, изјави техникиот директор, Цветанка Ивановска.

Таа потсети дека брезите се нивно производство од расадникот, станувало збор за високо-квалитетни садници што биле насадени долж новоизградениот тротоар на улицата „100“ во населбата „Карпош“.

-Убаво изгледаа, го оплеменија просторот, но несовесни граѓани ги уништија, изјави Ивановска.

Со своја реакција на социјалните мрежи се јави и градоначалникот Максим Димитриевски кој го осуди вандалскиот чин на уништените садници што беа засадени откако се реконструираше улицата и беше изграден тротоар во оваа населба.

-Барам од надлежните истражни органи да го откријат сторителот и изведат пред лицето на правдата. Почитувани сограѓани, единствено сите заедно можеме да ги спречиме ваквите појави, ве молам доколку имате сознанија поврзан со случајов да ги пријавите пред надлежните, повика Димитриевски.

 Од „Чистота и Зеленило“ велат дека во исто време лани беше насаден дрворед од јасени и брези на улицата „Тоде Мендол“ кои се во одлична состојба. Оттаму се пожалија дека повторно по кој знае кој пат уништени се кантичките за смет поставени на дел од двата плоштади на централниот и помалиот кај Центарот за култура.