УНХЦР го поздравува одобрувањето на Собранието за пристапување кон Конвенцијата за намалување на бездржавјанството од 1961 година
Претставништвото на Агенцијата на ОН за бегалци (УНХЦР) во Северна Македонија го поздравува одобрувањето на Собранието за пристапување кон Конвенцијата за намалување на бездржавјанството од 1961 година.
Како што соопшти претставништвото на УНХЦР, пристапувањето кон конвенциите за бездржавјанство е една од глобалните заложби кои ги прават државите со цел ставање крај на бездржавјанството до 2024 година.
– Со последниот чекор, депонирањето инструменти на пристапување, што се очекува набрзо, Северна Македонија ќе биде одговорна страна на двата клучни договора на ОН за бездржавјанство, Конвенцијата во врска со статусот на лицата без државјанство од 1954 година и Конвенцијата за намалување на бездржавјанството од 1961 година и ќе ја заокружи својата правна рамка за намалување и спречување на појавата на бездржавјанство на средината од десетгодишната кампања „Јас припаѓам“ отпочната од УНХЦР во 2014-та, се наведува во соопштението од УНХЦР.
Оттаму информираат дека претставничката на УНХЦР во Северна Македонија, Моника Сандри, ја поздравила заложбата на Северна Македонија за искоренување на бездржавјанството, покажана преку одобрувањето на пристапувањето кон Конвенцијата од 1961 година, кое беше најавено минатата недела кога државите се собраа во Женева да ги зајакнат напорите за искоренување на бездржавјанството во светот.
– Во модерното време во кое живееме, кое носи белег на технолошки напредок и инвестирање во човечката добросостојба, не можеме да прифатиме сè уште луѓе да живеат без најосновниот услов за остварување на целосниот сет основни човекови права – формален идентитет. Немањето формален идентитет, или бездржавјанството, предизвикува екстремна ранливост: живот без формално образование, здравствени услугиили можност за вработување. Владата на Северна Македонија ја донесе вистинската одлука да спречи овие нешта никогаш повторно да не се случат со тоа што го вброи искоренувањето на бездржавјанството во своите највисоки приоритети и работи за остварување на концептот едно општество за сите, каде што никој не е изоставен, рече Сандри.
Бездржавјанството, како што посочуваат од УНХЦР, е проблем што влијае на милиони луѓе низ светот.
Жените и децата се посебно засегнати, а нивното немање државјанство ги става во екстремно ранлива ситуација. Правото на државјанство е основно човеково право вградено во Универзалната декларација за човековите права, се наведува во соопштението од УНХЦР.
Ново на Сител
-
Неврохирург со амбиција за промени во општеството | Венко Филипче | Неформално | Sitel Podcast 028
-
Вработена во битолско средно училиште нападната од колешка
-
Поради одржување предизборни митинзи в сабота и недела изменет режим на сообраќај во Скопје
-
Во општините Дебар и Центар Жупа повеќе гласачи од жители
-
Тепачка помеѓу две колешки во средно училиште во Битола
-
Вчера пријавени два различни случаи на физичко насилство на Бит Пазар
-
Приведени сопружници од Скопје
-
Во Прилепско во тек се теренски акции за имунизација