Унапредувањето ќе го потонеше случајот „Ласкарци“
Судијката од Кривичниот суд, Александра Ристовска денеска положи заклетва за апелационен судија, но изостави да им каже на Судскиот совет дека има пресуда за предметот Ласкарци на 25 јануари, во кој таа е втор судија. Доколку таа не е во судечкиот совет и составот се промени, тогаш предметот на самиот финиш ќе се врати од почеток.
Но, веднаш откако ја положи заклетвата, претседателот на Кривичниот суд, Иван Џолев реагираше таа да се делегира повторно во Кривичен, за да се спаси предметот.
Претседателката на Судски совет, Весна Дамева свика итна седница, за да ја делегираат судијката Ристовска сега од Апелација во Кривичен се до пресудата. Дамева вели претседателот на Кривичен не ја известил кога е пресудата, а Ристовска на денешната заклетва не кажала дека може да се загрози предметот Ласкарци кој е од сензитивно значење, доколку таа премине во Апелација.
Но не само Ристовска, и новоизбраниот апелационен судија Осман Шабани, води неколку предмети во Кривичен од поранешното СЈО, за кои постои опасност да се вратат од почеток, а со тоа и да застарат. Еден од најголемите е предметот Титаник.
Од Кривичниот суд уште во ноември откако беа утврдени судиите кои ќе заминат во Апелација, испратија допис до Судскиот совет да им делегираат судии за да се пополнат местата на судиите во заминување.
Денеска четворица судии од кривичната област, Осман Шабани, Габриела Гајдова, Александра Ристевска и Весна Димишкова, како и судиите од граѓанска област Александар Шопов, Ирена Костадинова Ангелова, Наталија Донева и Илир Сулејмани положија свечена заклетва и станаа апелациони судии.
-
Тамара Дичоска
Сите содржини од овој новинар