Македонија
29. January 2020 - 17:11

Укинати мерките за намалување на загадениот воздух

Дождот и ветерот го исчистија воздухот, загадување веќе нема тврдат надлежните. Мерките траеја само ден и половина. Утрово оние кои ги оставиле автомобилите и со јавен превоз заминале на работа, попладне ќе си платат автобуски билет. Точно напладне градот ги укина итните мерки. Скопскиот градоначалник признава дека не успеале да ги демотивираат граѓаните и ги повика да ги променат навиките.

Додека градот се жали дека ефектите не се постигнати а околу 120 илјади евра чини еден ден бесплатен превоз со ЈСП, на денешната седница советниците изгласаа да се задолжат за забавниот парк. Околу 12 милиони евра повеќе од една деценија градот ќе плаќа кредит за да купи реквизити и да гради.

Со измени во законот, владата ги обврзува општините со над 35 000 жители да изготват акциски планови со сет мерки за намалување на аерозагадувањето. Сите инспектори вклучувајќи ги и комуналните ќе имаат надлежност да го следат спроведувањето. Мерките ќе опфаќаат забрани и ограничувања на уреди за затоплувања, редукција на сообраќај, реорганизација на работно време, а за не почитување ќе има казни од 200 до 6000 евра.

Скопје утрово се најде на 4 место во светот по загаден воздух. Црн чад и смог вчера ги гушеше граѓаните а во неколку општини беа измерени екстремно високи концентрации на ПМ честички.