Бизнис
13. January 2017 - 20:08

УЈП ја објави новата листа должници - не платиле вкупно 211 милиони евра

Управата за јавни приходи ја објави првата јавна листа на должници за годинава на која има вкупен долг од 211 милиони евра што е за близу 19 милиони евра повеќе од претходната.

На неа се имињата на компаниите кои имаат доспеани и неплатени долгови за даноци, придонеси акцизи и царини од над пет илјади евра, како и на физичките лица чии доспеани долгови надминуваат две илјади евра.

Најголем должник за даноци во државата е компанијата ОТЕКС А.Д. Охрид која за ДДВ има долг од 10,5 милиони евра. По неа следат компаниите Ел Дон Кастиљо, Индустриа Ал Азтека, Мотор Коач Индустрија Интернационал, сите со долгови од по десетина милиони евра.  Евидентирани се вкупно 2889 фирми должници

Меѓу 1657 физички лица на листата, најголем должник е осудениот Бајруш Сејдиу кој должи над  1,8 милиони евра. Следна е жителка на Скопје, која должи 831 илјада евра за пероснален данок на доход. Кумановец по истата основа должи 753 илјади евра. Жител на Велес има доспеан долг за персоналец од 457 илјади евра. Жена од Неготино има долг од 401 илјада евра.

Ако се земе предвид дека персоналецот е 10 проценти, математичката претпоставка вели дека овие лица заработиле лични доходи кои се движат од 4, па се до 8,5 милиони евра.

Првата листа во 2017 се однесува на долгови доспеани до 30 септември 2016 и неплатени до 31 декември истата година. Се објавува јавно согласно член 9 од Законот за даночна постапка.