Македонија
1. September 2022 - 12:11

УХМР: Најмногу дожд вчера наврна во Дојран, поладне нестаблино со можен пороен дожд

Најмногу дожд, шест литри на квадратен метар во изминатите 24 часа наврна во Дојран, а по еден литар на квадратен метар наврна во Демир Капија, Маврово и  Крушево, информира Управата за хидрометеоролошки работи (УХМР).

Од УХМР прецизираат дека времето денеска претпладне ќе биде сончево со мала до умерена облачност. Попладне и во вечерните часови ќе биде променливо облачно и нестабилно на повеќе места со пороен дожд, грмежи и засилен ветер. Локално процесите ќе бидат поинтензивни во форма на невреме со пообилен дожд за кратко време, силен ветер, електрични празнења и услови за појава на град.

Максималната температураќе биде во интервал од 25 до 32 степени Целзиусови, а УВ индексот ќе изнесува 6.

Во Скопје претпладне ќе биде сончево, а попладне и во вечерните часови променливо облачно и нестабилно со пороен дожд, грмежи и засилен ветер. Во делови од котлината ќе има услови за појава на невреме. Tемпературата ќе достигне до 30 степени Целзиусови.

Од УХМР најавуваат дека и утре ќе се задржи променливо облачно и нестабилно време на повеќе места со пороен дожд и грмежи. Локално процесите ќе бидат поинтензивни во форма на невреме со пообилен дожд, силен ветер, електрични празнења и појава на град. Температурата на воздухот ќе опадне за 5 до 7 степени. Во сабота ќе има стабилизирање на времето, а во недела во текот на ноќта кон понеделник и во понеделник ќе биде нестабилно со локален пороен дожд, грмежи и засилен ветер.