УГД студенти со практична настава во локалната самоуправа
Практичната настава е еден од најважните сегменти во образовниот процес, а новата програма за волонтирање што ја започнаа УГД и Општина Штип им овозможува на студентите одблизу да се запознаат со функционирањето на локалната самоуправа. Во првата група волонтери се студенти од Правниот, Економскиот и Факултетот за образовни науки.
- Праксата верувам дека е клучна за секој студент, особено во периодот додека студираме. Ќе ја поткрепиме теоријата што ја знаеме и претпоставувам дека секој студент сака одблизу да виде како функционира Локалната самоуправа и кои се нејзините предизвици, изјави Искра Апостолова, студент на УГД.
Програмата е поддржана од УНДП, а целта е младите да се мотивираат да градат кариера дома.
- На еден начин да помогнеме во процесот на спречување на одлевање на умот и образованиот кадар од државата, односно што повеќе млади луѓе да се задржат во државата со стекнување на практични искуства и започнување веднаш во работниот процес, изјави Драган Ристовски УНДП.
Студентите ќе волонтираат три месеци, по четири часа, три пати неделно. За нивниот ангажман ќе добијат надомест од 6000 денари.
- Со проектот сакаме да ги отвориме вратите на општината, да го покажеме принципот на работа и истите да се стекнат со предзнаења и да бидат подготвени за моментот кога ќе почнат со нивното официјално вработување, изјави Вишна Шорова Ангелова, секретар на Општина Штип
Во следниот период програмата ќе се проширува и кон други факултети и институции.
- Она што е битно разговараме понатаму оваа програма да биде проширена и во делот на техничките факултети согласно барањата и потребите на општината, изјави проф. Дарко Лазаров, проректор на УГД
Во првиот циклус ќе бидат вклучени девет студенти, а се планира програмата да биде понудена на други општини и Универзитети.
-

Трајан Ристовски
Сите содржини од овој новинар
