Македонија
14. јуни 2024 - 12:23

УГД-Штип дел од Европската универзитетска алијанса

Европската Универзитетска алијанса, која ја чинат универзитети од Португалија, Австрија, Романија, Шпанија, Литванија, Летонија, Полска, Германија и Македонија има за цел подигање на квалитетот на високото образование, а со тоа и признавање на стекнатите академските дипломи ширум Европа. Предвидена е мобилност на студентите и професорите, како и спојување на истражувачката инфраструктура за взаемна работа на проекти.

- Се работи за универзитети кои што навистина има што да понудат и од аспект на квалитет на истражување и од аспект на квалитет на настава. Крајната цел би била, нашите студенти да имаат дипломи која би била една- европска диплома признаена од сите 9 универзитети. Се надевам дека ќе успееме и тоа да го направиме, ова се почетоците на Алијансата-изјави Дејан Мираковски, ректор на УГД – Штип

Алијансата е дизајнирана да биде компатибилна за сите нејзини членови, а штипскиот Универзитет станува место каде ќе може да се добие образование по европски стандард.

- Ние, како високо-образовни институции, сакаме да ги промовираме иновациите, соработката, но најповеќе да споделуваме хумани вредности. Сакаме да ги споделуваме нашите компетенции и веруваме дека заедно сме многу посилно, отколку да бидеме секој посебно, изјави Жуан Мутао, ректор на Политехнички универзитет, Сантарем, Португалија

Во следниот период ќе биде фромиран интеркампус, каде студентите, наставниците и административните работници ќе соработуваат меѓусебно.