Македонија
24. August 2018 - 16:25

Училиштата во Штип бараат од Општината дозвола за паралелки со помалку деца

Продолжува трендот на намалување на бројот на ученици во основното и средното образование. Петте основни и три средни училишта од Штип поднеле барање до Советот на Општината за формирање на паралелки со помал број на ученици. Истражувањата покажале дека причина за овој хроничен проблем е иселувањето на населението, но и се помалиот наталитет.

Покрај тоа што е намален бројот на децата што се раѓаат, многу е зголемен бројот и на деца што се иселуваат од општината –изјави Слободанка Момчилова, претседател на Комисија за образование при совет на Општина Штип.

Од општината не се во состојба ниту статистички да предвидат колку првачиња би имале годинава.

Се претпоставува колку деца ќе тргнат во прво одделение според тоа колку се родиле пред 5 години, но сите тие деца веќе не се во општината, веќе се иселени, додаде Момчилова

Во штипските основни училишта досега се запишани  397 првачиња, а слободни места за уписи има и во средните училишта. Единствено средното медицинско училиште „Јане Сандански“ во прва година ги има пополнето сите слободни места, најверојатно поради фактот што во него учат ученици од целиот Источен регион.