Македонија
21. April 2025 - 16:37

Училиштата во Босилово започнуваат со сопствено производство на струја

Во период од само шест месеци, четири основни училишта во општина Босилово започнаа самостојно да произведуваат електрична енергија преку фотоволтаични системи. Овие соларни централи се целосно обезбедени преку донации, без никакво финансиско оптоварување за општинскиот буџет.

Вкупниот капацитет на поставените фотоволтаични системи изнесува 80 киловати, што ги покрива дневните енергетски потреби на училиштата, но истовремено овозможува и производство на вишок електрична енергија.

Проектот има повеќекратна вредност за општината - директните трошоци за струја се сведени на нула, а училиштата се трансформираат во живи училници преку кои  учениците добиваат практична едукација за важноста на обновливите извори на енергија.

Овој проект е дел од поширока иницијатива на Општина Босилово за подобрување на енергетската ефикасност во јавниот сектор. Според најавите, во наредниот период фотоволтаични системи треба да бидат поставени и на сите останати јавни објекти, со цел целосна транзиција кон одржливи извори на енергија.

Во меѓувреме, преку ЗЕЛС веќе е покрената иницијатива за промена на законската регулатива, со која би се овозможило јавните институции да имаат предност при продажба на вишокот произведена електрична енергија.