Македонија
22. јуни 2019 - 13:11

Убиство во Струмица: Убиениот бил ставен во метално буре со тегови и фрлен во езеро

Струмичанецот Ристо Иљашев кој се водеше за исчезнат повеќе од еден месец, бил свирепо убиен, неговото тело било ставено во метално буре врзано за тетови и бил фрлен во вештачкото езеро ,,Турија”. По МВР  и Обвинителството излезе со соопштение во кое што изнесува детали за ова грозморно убиство.

Основното јавно обвинителство Струмица донесе наредба за истражна постапка против едно лице од село Добрејци кое е осомничено за убиството. Тој на 7 мај на свиреп и подмолен начин го убил Ристо Иљашев, а потоа се обидел да го прикрие убиството.

Убиецот од претходно се познавал со жртвата и на критичниот ден се понудил да го превезе со својот автомобил ,,фиат пунто”. Од тој момент на Иљашев му се губи секаква трага и тој повеќе од еден месец се водеше како исчезнато лице.

,,По наредба на јавен обвинител, беа преземени повеќе дејствија, беа извршени претреси на повеќе локации и беше организирана опсежна потрага по исчезнатото лице, особено во реонот на браната Турија, каде што било забележано возилото на осомничениот. Притоа, со обезбедените снимки од видео надзорот на околни објекти е утврдено дека Иљашев на критичниот ден се качил во автомобилот на осомничениот во Струмица, иако тој во своите искази давал контрадикторни информации за тоа дали го превезувал оштетениот. Дополнително, во работилница во сопственост на осомничениот во село Добрејци беа пронајдени биолошки траги кои потекнуваат од жртвата”, соопшти обвинителството.

На 20 јуни во водите во близина на браната беше пронајдено буре во кое се наоѓало тело на починато лице. Со цел да се задржи под водата, бурето било оштетено и во него биле поставени тегови. По наредба на јавен обвинител, беше извршена ДНК анализа со која се утврди дека починатото лице е исчезнатиот Илјашев. Тој бил уличен препродавач на девизи, а кај него не биле пронајдени околу 26.000 евра кои, според неговите блиски, ги носел со себе на денот кога исчезнал.

Основното јавно обвинителство Струмица нареди обдукција на починатото лице, вештачење на неговата облека и на предметите пронајдени во бурето. Се преземаат и дополнителни мерки за целосно расчистување на настанот.Поради опасност осомничениот да се даде во бегство или да влијае врз сведоците, одреден му е 30 дена притвор.