Македонија
10. September 2020 - 16:49

Убиство во Гостивар - со секира ја заклал сопругата и побегнал

Семејна драма со грозоморен крај. Главниот актер во бегство. Со нож и секира ја убил сопругата и изчезнал. Полицијата трага по 67-годишниот Б.И, кој ја изрежирал свирепата сцена.

Мирната и празна гостиварска населба Бањешница речиси и да не памети ваков настан. Првичните информации упатуваат на тоа дека семејни несогласувања се причина за крвавиот чин.

„Полицијата и медицинските екипи начекале една навистина грозоморна глетка, која прв ја видел синот на осомничениот”.

Полицијата во Тетово за убиството на 60-годишната жена дознала изутрината, по што веднаш се испратени екипите на терен.

Покрај полицијата која го обезбедуваше местото на настанот, пред дворот на куќата и некои од блиските роднини. Шокирани од веста, не сакаа да зборуваат пред камерите.

Се сомневаат во задоцнета реакција на полицијата. Иако живееле во различни куќи, но во ист двор, неофицијално, починатата била држена во заточеништво од нејзиниот сопруг веќе неколку дена.

Откако успеала да се јави на својот син, синоќа ваквата ситуација била пријавена, тврдат роднините. Но не претпоставувајќи дека ќе дојде до ваков расплет, од полицијата наводно решиле да интервенираат изутрината кога сопругот ќе биде излезен.

Од СВР Тетово ја отфрлија ваквата верзија.