Loading Video...
Балкан
24. September 2023 - 16:36

Убиен полицаец на северот на Косово, расте тензијата Белград-Приштина

Еден косовски полицаец е убиен, а двајца се ранети во престрелка која изминатата ноќ се случила во селото Бањска во општина Звечан. Според косовските власти, полициската единица била нападната од заседа која интервенирала заради поставена блокада од два камиони на влезот во селото.

Според мештаните, пукотниците наликувале на вистинска мала војна. Првите истрели се слушнале околу 2 часот и 30 минути, а пукањето траело се до рано наутро. И во текот на денот, повремено се слушаат истрели. Албанскиот премиер Курти на прес конференција информираше зад пуконтиците стои 30 члена добровооружена група која пристигнала со оклопни возила, за која вели дека се однесува како професионална армија. Групата била опколена, и како што вели Курти, најдобро била таа да се предаде. 

„Оваа ситуација не може да се толерира, тие дојдоа да се борат и да го дестабилизираат Косово, а ние се бориме против нив поради законот кој е наша одговорност. Мораме да го спроведеме законот, но најлесно и најбрзо би било да се предадат. Ова не е борба со вооружени цивили, туку со луѓе кои се тешко вооружени и претставуваат голема опасност – не само за уставниот поредок и законите на Косово, туку и за безбедноста на сите граѓани“, кажа Курти.

Претходно, Курти обвини дека се работи за српски криминални банди за кои рече дека имаат поддршка од официјален Белград. Во меѓувреме, свое обраќање за случувањата на Косово, најави српскиот претседател Вучиќ. 

По престрелката, осуда за настанот пристигна од специјалниот претставник на ЕУ за дијалогот Белград - Приштина, Мирослав Лајчак, кој повика дека веднаш треба да се врати дијалогот, а сторителите да бидат изведени пред лицето на правдата. 

Настанот го осудија и од амбасадата на Соединтетите Американски Држави во Косово, која го цитира амбасадорот Џеф Ховениер според кој, косовската полиција има целосна одговорност и е легитимна за спроведување на владеењето на правото според уставот и законите на Косово. 

Во меѓувреме, косовската полиција информира дека во престрелката со вооружената група, убиен е еден нејзин припадник со што бројот на жртвите во инцидентот кој изби ноќеска се искачи на двајца мртви.