-->
-->
Убавините на Македонија: Бабино среде недопрена природа
-->

По течението на Црна Река, во југозападниот дел од Македонија, кон полето и кон планините, распослана е една од најеколошките територии во земјава. Во овој предел со извори на питка вода што бликаат на секоја педа, со чешми и кладенчиња, еднакво била издашна и бујната вегетација, незагадена со ништо. Поради ова воздухот што се вдишува како ретко каде го има вкусот на сите мириси на природата, а погледот -најголемото семејство на бои од палетата на уметникот. И веднаш ми станува јасна сугестијата на еден овдешен по потекло колега, кој пред многу години ме замисли со сериозноста на опомената: „Ако некогаш патот те наведе кон мојот, Демирхисарски крај, не заборавај да ги избришеш чевлите пред да влезеш во нашиот атар“.
А, токму во овој, тукашен атар, потонати во зеленилото на таа раскошна недопрена природа, овдешните села се рај за луѓето што копнеат за инспиративен мир и за тишина. За симбиоза со природата како неизмерлив извор на здравје и на полетност. Бабино е само едно од многуте.
Воздушна бања
На само еден ипол километар од регионалниот пат Кичево - Битола, по текот на Бабинска Река распослано е селото Бабино. Вгнездено под недогледната шума од дабови крошни во сите свои видови: благун, цер и горун и полувековни дабови насади, на 650 до 700 метри надморска височина, Бабино е идеална воздушна бања. За посакувана дестинација за одмор и за рекреација во кое било време од годината придонесува и климата: средна месечна температура од 10 степени Целзиусови, највисоката 22, а најниската минус три.
Водата од Бабинска Река, Црна Река ја прима како една од дваесетте свои притоки, преку изворите. Практично, почнувајќи од влезот во бабинскиот атар, покрај реката можат да се најдат извори со чиста вода за пиење на секои 100 метри, а полето и шумата во реонот на Бабино нудат богатство од дренка, шипинки, јаболка киселачка, круша оскорушка, капинки, печурки, трнинка, смреклинки, лешници, салеп, глогинки, шумски јаготки, желади, мов и од многу други шумски плодови.
Павлов Рид (911 метри), Три синори (1.111 метри) и Курати (1.017 метри), меѓу кои е сместено Бабино, изобилуваат со лековити билки, меѓу кои кантуријата, планинскиот чај, мајчина душица, тегавецот, ајдучка трева. По полето, ливадите и шумите декор се и многубројните горски цвеќиња, од предвесниците на пролетта, кокичето, качунката, до петопрст, салеп, бршлен, темјанушка, боливач, босилек, божурика, лепенига, див хмељ, матерка, кукурек, краварига, мајчина душица, џунџуле, трендафил, митровденче, попадија, каранфил, алдузи, чај и други. А бидејќи е во планина, сосема очекувано во реонот на село Бабино има многу диви животни, меѓу кои мечка, волк, лисица, ласица, дива свиња, дива мачка, царска невестулка, верверица, срна, јазовец, куна, смрдулка, што е податно за ловен туризам. Го практикуваат страсните ловџии, домашни и странци.
Присуството на рисот е првиот од многуте куриозитети на Бабино. Вториот е погледот што досега до недоглед од Плаќе, највисокиот врв на Плаќинска Планина што се извишува над Бабино, со 1.998 метри надморска височина. Од таму тврдат оние што се искачиле, се гледаат Охридското и Преспанското Езеро со Галичица меѓу нив.
Жителите потврдуваат дека во Бабино имаат посетители, но немаат туристи поради недостигот од сместувачки капацитети во селските домаќинства, па се надеваат во иднина да се најдат на туристичката мапа како најеколошка рурална дестинација во Македонија.
Расадник на учители
Селото се полни со првите топли пролетни денови, постепено заживува, а откако ќе се чуе училишното ѕвонче што го огласува крајот на школската година, детскиот џагор ги враќа спомените на полното училиште среде село, во кое учеле деца дури од три села. Некогашно Бабино било расадник на учители и високообразовани просветни работници, најмалку 100-тина.
Прв кој повлекол нога бил учителот Максим Поповски, кому од благодарност сожителите му подигнале спомен-плоча меѓу најзаслужните. Учени луѓе имало и во другите професии и како која генерација стасувала, така се ширеле интересите на бабинци, па меѓу лекарите, уметниците, писателите, електроинженерите, новинарите има доста со тукашно потекло.
Дека во Бабино со векови наназад се ценела уката и книгата, зборува и родната куќа, дом на книги и на спомени, на Стево Степановски, сопственик на единствената приватна библиотека „АЛ БИ“, со богат и раритетен библиотечен фонд од над 15.000 книги, основана во 1882 година и со 5.000 посетители годишно. Во библиотеката има етно-соба, македонска соба и читална, а во дворот амфитеатар за поетски читања и други културни манифестации. Всушност приватната библиотека на Степановски го нагласи овој простор како идна туристичка дестинација и стана симбол на политичката децентрализација на културата и ги оживеа посебните културни традиции.
Село на пет баби
Во Бабино, во кое времето се чини застанало оти часовникот спокојно го мери, порано имало околу 80 куќи со луѓе, меѓутоа миграцијата го стори своето, па денес има само петнаесеттинаво кои се живее постојано. Тоа се претежно тукушто пензионирани жители или пензионери од постарата генерација. Кај нив се носталгични спомените за времето кога овде живот се живеел.
Од нив можат да се чујат преданијата за потеклото и името на Бабино. По едни, селотонастанало пред повеќе од илјада години со населување на пет баби, кои се доселиле од Бабини кошари, месност над селото што и денес така се вика. По друга легенда, селото е населено од Црно Село пред повеќе од илјади години, а денес таа месност се наоѓа над селото и мештаните ја викаат Краста. Вршени се истражувања и на местото ден-денес се наоѓаат остатоци најверојатно од римскиот период: остатоци од градби, разни предмети од глина и од железо.
Благодатот на Змејовата дупка
Во Бабино, како и во целата околина, има многу пештери, достапни и недостапни, малку или воопшто неистражени и непроучени. Нивната мистичност ги плете локалните приказни, кои на крај се сведуваат на вековни легенди. Таква е онаа за Змејовата дупка што се наоѓа на околу 700 метри од центарот на селото и, според локалните кажувања, има необјасниви благодатни влијанија врз нејзините посетители.
Постои верување дека ако на Духовден млади брачни двојки без пород по полноќ или рано наутро влезат во таа пештера и се измијат со водата од пештерата, ќе имаат деца. Повеќепати легендата се обистинила и затоа на овој ден имало и има доста посети од млади брачни двојки.
Од усните преданија и според кажувањата на постарите жители од селото Бабино но и од околните населени места, останала легендата за најубавата девојка од селото која од оро ја грабнал змејот. Ја однел во Змејовата дупка. Кога ноќе излегувал и ловел ја затворал соогромен камен. Мајката на девојката многу жалела и секоја ноќ со неа зборувала преку каменот. Една вечер на ќерката и рекла да го праша од што му е смртта. Змејот и кажал дека смртта му е од пиење солена вода. Мајката следната вечер и однела сол. Кога дошол змејот, многу уморен и жеден, девојката ја турила солта во кадата каде што се наоѓала водата и така го отрула. Бидејќи девојката не можела да излезе, а змејот ја проколнал, тие двајцата се скамениле.
Пештерата е на десната страна од Црна Река, на падините од Павлов Рид, на 780 метри надморска височина. Од Бабино до неа се стасува преку месноста Три дабје, по дваесеттина минути пешачење. Обиколена е со дабова шума, а пристапот до влезот е погоден и иако отворот е тесен, сепак се влегува доста лесно. Веднаш до влезот пештерата има тесен ходник, а потоа се спушта речиси вертикално околу три метри. Потоа се протега косо кон северозапад и постепено се проширува. На дното има дворана со неправилна форма од 11-12 метри. Во нејзиниот западен дел се наоѓаат два големи сталагмити со пречник од околу 60 сантиметри. Од оваа галерија, со еден огромен камен блок се издвојуваат два канали и тоа едниот од лево на блокот, а другиот од десно, во должина од 6 метри, а потоа двата канали се прошируваат во втората и уште поголема галерија, широка околу 24 метри. На јужната страна се наоѓа вдлабнатина како кревет, која е со рамна површина со пречник од 2 до 4 метри. На западната страна, на дното, се наоѓа корито, полно со вода. Водата капе од карпите, се излева и понира некаде под земја.
За двата сталагмити, кои како да наликуваат на човечки фигури, народот верува дека се скаменетите тела на змејот и на девојката. Постои традиција на денот Духовден да се оди на просторот кај Змејовата дупка, каде што некогаш имало големи веселби, а денес само се посетува пештерата.
Меѓу локалитети кои го привлекуваат вниманието на посетителите е и рибникот со ресторан„Бабино“. Комплексот со 15.000 квадратни метри од кои 2.500 се водена површина опфаќа и мала зоолошка градина, езерце за одгледување речна пастрмка и тревник - фудбалско игралиште за деца. Водата во изворот на Бабинска Река што ја користи и рибникот и лете и зиме е со константна температура од 12 Целзиусови степени, што е идеално за одгледување калифорниска пастрмка, златна и црна.
Кети Мицковска/МИА
-->
-->
-->
Ново на Сител
-
ООН загрижена поради „фундаменталната промена“ на американската политика, вели Фолкер Тирк
-
Хулкенберг ја критикуваше Ф1: Емоциите на трките се природни
-
Градењето станови поевтинува – становите поскапуваат
-
Приведени две лица од Турција за приложување фалсификувани патни исправи
-
Приведен 34 годишник во Ѓорче Петров, полицијата пронашла нож
-
Јапонија нема да учествува на конференцијата на ОН за забрана на нуклеарното оружје
-
Изминатиот месец 23.844 санкции за возачи, 7.437 возеле побрзо од дозволеното
-
Уапсен 20 годишен кумановец, при претрес на неговиот дом пронајдена е дрога