Македонија
5. February 2021 - 19:53

Уапсени креатор и администратор на „Јавна соба“

Една година по обелоденувањето, 30-дневен притвор заработија две лица обвинети за водење на ланската група “Јавна соба”. Станува збор за двајца скопјани, на возраст од 32 и 21 година. Против нив се поднесени обвиненија за производство и дистрибуција на детска порнографија, дело за кое е предвивдена минимална затворска казна од пет години.

Од Јавното обвинителство велат дека по една година предистрага, обезбедиле докази дека

“Во периодот од декември 2019 до јануари 2020 година, двајцата осомничени, како основач и модератор на групата, биле должни да се грижат за содржината на текстуалните и аудио-визуелните содржини кои се споделуваат од членовите на групата. Tие со умисла дозволиле на групата да се направи достапна содржина – аудио-визуелен материјал на кој се прикажани очигледни полови дејствија со дете”, информираат од Обвинителството.

Во меѓувреме, на разврска чека и случајот “Јавна соба 2”. Групата со исто име која се појави на социјалната мрежа Телеграм и каде се споделуваа експлицитни фотографии е затворена пред две недели, а од МВР велат дека очекуваат побрза разрешница.

Како резултат на случајот “Јавна соба”, Кривичниот законик ќе биде збогатен со две нови кривични дела „демнење“ и „сексуално вознемирување“, а повеќе формални и неформални организации ги охрабруваат оштетените во овие настани да ги пријавуваат во МВР.