Уапсен Бујар Дардишта, поранешен директор од ДУИ
Уапсен е поранешниот висок функционер на ДУИ, Бујар Дардишта. Со него се уапсени уште десетина лица, кои според неофицијалните информации се дел од организирана криминална група осомничена за корупција и економски криминал.
Дардишта е поранешен директор на Управата за водење матични книги, а по директорското место, беше именуван и за управител во ЕСМ Дистрибуција, која управува со топловодната мрежа за парно греење. Од Обвинителството за гонење организиран криминал треба да соопштат поради која функција која ја извршувал Дардишта е уапсен. Но отаму засега само соопштуваат дека
Под раководство на јавен обвинител од ОЈО ГОКК, полициски службеници од Одделот за сузбивање на организиран и сериозен криминал при БЈБ-МВР од ноќеска спроведуваат активности на повеќе локации во Скопје и Куманово, поради постоење на основано сомнение за сторени кривични дела од финансиско економска природа.
Министерот за внатрешни работи, потврди дека Дардишта е уапсен, но не сподели детали, бидејќи активностите на полицијата и Обвинителството се уште траат.
Според неофицијалните информации по претресите се пронајдени и одземени пари во различни валути, мобилни, лаптопи и хард дискови, како и финансиска документација.
Дардишта беше познат во јавноста откако само во 2019 година, додека беше на директорското место во Управата за водење матични книги беа издадени речиси 22.000 погрешни изводи, а Државниот завод за ревизија истата година утврди дека издадени биле речиси 95.000 изводи повеќе од заведеното во евиденцијата. Имаше сомнежи и на Антикорупциската комисија дека за време на неговото директорување кога се вршела дигитализација на матичните книги, имало тргување со илјадници лични информации на граѓаните, но тогаш Дардишта ги негираше наводите.
Тој беше и адвокат на обвинетите за Диво Насеље.
-
Тамара Дичоскa
Сите содржини од овој новинар
