Свет
13. January 2017 - 12:46

ТВ дебата на претседателските кандидати на француските социјалисти

Седумте претенденти за кандидати за претседател на Франција на владејачката Социјалистичка партија и нејзините коалициски партнери, синоќа ја одржаа првата телевизиска дебата на која ги презентираа разликите во нивните ставови, пред се во однос на резултатите на актуелниот претседател социјалист Франсоа Оланд.

Како што јави дописникот на МИА од Париз, ова беше прва од трите дебати организирани пред првиот круг на прелиминарните избори на социјалистите закажани за 22 јануари.

Испитувањето на јавното мислење, спроведено од агенцијата „Елабе“ со 1.117 гледачи, покажа дека најголема доверба ужива поранешниот министер Арно Монтбург со 29 проценти, пред донеодамнешниот премиер Мануел Валс со 26 и исто така поранешниот министер Беноа Хамон со 20 отсто.

Покрај овие тројца кандидати, во дебатата која траеше два и пол часа, учествуваа и поранешниот министер Вансент Пејон, лидерката на Радикалната партија на левицата, Силвија Пинел и екологистите Франсоа де Ружи и Жан-Лук Бенхамиас.

Прв говореше Валс кој изрази надеж дека прелиминарни избори на социјалистите на победникот ќе му го дадат потребниот елан за претседателските избори на кои за пласман во вториот ќе треба да се бори со кандидатот на конзервативците Франсоа Фијон и на екстремната десница Марин Ле Пен.

За да се спречи елиминација на кандидатот на левицата од вториот круг, сите седуммина претенденти се согласија да разговораат со Жан-Лук Меланшон од партијата Бунтовна Франција и со Емануел Макрон од Во Движење!, за обединување на левичарските гласови.

Дебатата ги покажа и несогласувањате меѓу седуммината кандидати околу оценката за резултатите од мандатот на Оланд. Додека, Валс кој ја извршуваше премиерската функција во текот на мандатот на Оланд израси „гордост“ од сработеното, повеќето останати кандидати изразија разочарување.

Двете други телевизиски дебати на седумте социјалистички кандидати се предвидени на 15 и 19 јануари. За 25 јануари пак е превидена дебата на двајцата кандидати што ќе се соочат во вториот круг од прелиминарните избори, од причина што на гласањето на 22 јануари не се очекува ниту еден од претендентите да го освои протребното мнозинство од над 50 отсто гласови.