Македонија
13. September 2020 - 16:34

Тутунопроизводителите бараат повисока цена, нема аргати кои ќе го соберат тутунот

Поради лошите временски услови годинава според Сојузот на земјоделски здруженија постои можност да не се соберат потребните 23 милиони килограми на тутун кои ги според договорите ги бараат откупувачите. За разлика од лани, според тутунарите ќе има над 2 милиони килограми помалку тутун. Но исто така годинава се потпишани договори за 3,5 милиони килограми помалку од лани. Откупувачите засега не кажуваат зошто е тоа така.

„Најпрво имавме голема суша, потоа имаше многу дождови, со самите дождовии имаше и поболување на тутунот, расипување и затоа мислам дека нема да се исполнат тие количини“, истакна Менде Стомнароски, претседател на Сојуз на земјоделски здруженија.

Тутунарите и годинава бараат покачување на цените по класи, првата да си остане 280 денари, додека втората да дојде 220 денари, третата 170 и четвртата класа 90 денари за килограм.

„Некои компании втората класа ја покачија на 206 денари, третата на 155 денари и четвртата на 90 денари. А некои компании не ги покачија цените. И затоа ние баравме и до Министерството и до Стопанската комора и до откупните претпријатија, поднесовме предлог правилник за проценка на тутунот, нов предлог правиилк, каде бараме да се измени правилникот, мострите да бидат изменети при откупот за оваа година“, додаде Стомнароски.

Освен цената тутунарите годинава се соочуваат со уште еден проблем, а тоа е недостигот на работна рака од аргати. Поради тоа стравуваат дека од 10 до 15% од производството може да остане ненабрано. Еден час берење се плаќа 170 денари, а нижење на една низа околу 60 денари.

„Тешка физичка работа, мачна работа и луѓето ја избегнуваат за овие пари кои може да сега да ги добијат, а производителите од друга страна не можат да издвојат повеќе пари затоа што и кај нив е ограничена добивката. И тоа што ќе се набери, вработените и газдите, поради немање на работна рака, одат и по 2 смени. Што неможат постојано и секој ден да го прават“, рече Ристо Џамбазов, тутунопроизводител од Прилеп.

Наскоро од Сојузот на земјоделски здруженија очекуваат и средби со Министерството за земјоделство и откупувачите по повеќе отворени прашања.