Свет
5. December 2016 - 10:33

Туск: Победата на Белен е знак на зајакнувањето на европското единство

Европската унија оцени дека победата на Александар Ван дер Белен на претседателските избори во Австрија значи „зајакнување на европското единство во време на многубројните предизвици“. 

Претседателот на Европскиот совет Доналд Туск му ја честита победата на Белен и му посака успех. 

- Во време кога се соочуваме со многубројни предизвици, продолжувањето на конструктивниот придонес на Австрија во пронаоѓањето на заеднички европски решенија и одржување на нашето европско единство останува од клучна важност, порача Туск. 

Слободарската партија на Австрија и нејзиниот кандидат на претседателските избори Норберт Хофер го признаа поразот и му ја честитаа победата на новоизбраниот претседател на Австрија Александар Ван дер Белен. 

По пребројувањето на сите гласачки ливчиња во сите изборни места, победник на денешните претседателски избори во Австрија е независниот кандидат Александар Ван дер Белен со освоени 51,69 отсто од гласовите, а неговиот противник од десничарската Слободна партија (ФПО) Норберт Хофер ги загуби изборите со 48,32 проценти од гласовите. 

Во овие резултати не се вклучени гласовите кои се предадени по пошта, врз основа на кои Белен, според проценките на институтот АРГЕ, ќе освои вкупно 53,3 отсто од гласовите, додека Хофер 46,7 проценти.