Балкан
7. April 2016 - 12:28

Турција се бори за имиџот на Ердоган во момент кога ЕУ се фокусира на договорот

ДПА - Берлин

Минатиот месец турските власти ја презедоа контролата над опозициски весник, а полицијата користеше гас солзавец за да ја изведе рацијата во зградата на весникот. Претходната недела двајца новинари отидоа на суд обвинети за обид за уривање на Владата.

Сега Турција влезе во спор со Германија во врска со сатирично шоу на сметка на претседателот Реџеп Таип Ердоган.

Германското шоу „Екстра 3“ во песна го исмева Ердоган како лидер кој праќа во затвор новинари и врши воздушни напади врз Курдите, а ја игнорира терористичката организација Исламска држава.

Германскиот амбасадор во Турција беше повикан од Анкара која побара двеминутната песна да биде забранета. Се добива впечаток дека тој обид за мешање на „тврда рака“ е појава во западните држави каде лидерите често се подложни на критика.

Видеоклипот со песната на Јутјуб набрзина го видеа над десетици илјади посетители, што е нормална бројка за телевизијата која има над четири милиони гледачи, откако беа вметнати и поднаслови (субтитлови) на англиски јазик. Како класичен пример за „ефектот Стрејсенд“ (кога обид за прикривање на дадена информација води до нејзино масовно ширење), регионалната сензација доби глобална популарност веднаш штом цензурата влезе во играта.

- Она што се случува во странство е одраз на тоа што се случува дома, односно покажува колку ограничена станала средината за политичката сатира, вели Синан Јулген, турски експерт во невладината Едам во Истанбул. - Ако тие не покажат реакција на таков вид провокација од надвор, слична содржина дома ќе биде помалку оправдана, објаснува Јулген, потенцирајќи дека претходните турски претседатели биле поотворени кон хуморот на нивна сметка.

Но, ова не е првиот инцидент. Минатата година еден лекар беше затворен затоа што го спореди Ердоган со ликот Голум од филмот „Господарот на прстените“. Тој, како и уште 1.800 луѓе во Турција е обвинет за навреда на претседателот.

Поддржувачите на претседателот - личност која предизвикува провокации, но која е се уште најпопуларниот политичар во земјата - неделава започнаа контракампања на социјалните мрежи. Но, кога нивниот хаштаг престана да е водечка тема на Твитер, иницијаторите ја загубија смиреноста.

- Мислам дека е тоа дел од глобалната операција против нашиот претседател, изјави Бекир Бозгад, министер за правда, кој се приклучи на кампањата на социјалните медиуми и го сподели хаштагот #WeLoveErdogan заедно со фотографија на претседателот кој гледа едно мало дете, и со државното знаме.

Германското сатирично шоу кое се емитува секоја среда навечер, ја прифаќа вревата околу песната со смиреност па дури и го користи хаштагот #WeLoveErdogan за да се рекламира на Твитер. Претпоследната епизода на „Екстра 3“ започна со најава на водителот на турски јазик дека е тоа „саканото“ шоу комедија на Ердоган.

- Ќе направиме како ЕУ. Ќе му понудиме на Ердоган валкана зделка. За секоја шега која ќе биде дозволена на турски комичар да ја направи на адреса на својот претседател, шоуто од своја страна ќе повлече една своја шега за Ердоган, објавија авторите на шоуто.

Во односите меѓу Европската унија и Турција сега доминира бегалската криза.

Европа сака да биде запрен прилиовот на мигранти, вклучувајќи и многу сириски бегалци кон државите во ЕУ и склучи договор со Анкара. Договорот во кој има елемент со кој се предвидува Европа да прифати по еден бегалец за секој вратен во Турција, има многу критичари, меѓу кои е и агенцијата за бегалци при ОН.

Портпаролката на претседателот на Европската комисија Жан-Клод Јункер, изјави дека нападите против сатиричната песна „ја оддалечува Турција од ЕУ“.

Аналитичарот Јулген вели дека тој одговор е „површен“ и тековните расправии околу „Екстра 3“ ќе стивнат. „Ако Европа навистина сака лост за делување врз Турција, таа треба да биде посериозна во преговорите со Турција за приклучување кон унијата“, вели тој.

Во меѓувреме, се одржа редовното судење во процесот против Џан Ѓундар и Ердем Ѓул, двајцата новинари кои беа обвинети за шпионажа и поддршка на терористи со објавување на информации за достава на оружје кон Сирија.

Делото се одвива зад затворени врати, што уште повеќе ги вознемирува организациите за заштита на човеовите права. Европски дипломати присуствуваа на првото рочиште, но се најдоа на нишанот на Ердоган откако претседателот рече дека ним не им е место во Истанбулскиот суд.

Додека бегалската криза продолжува да биде внатрешно-политичко прашање за Европа, одтанува нејасно уште колку поддршка од ЕУ би можеле да добијат двајцата новинари. Тие се соочени со доживотен затвор, ако бидат прогласени за виновни.