Турција одбележува десет години од неуспешниот обид за воен удар

Со низа комеморативни настани низ земјата, вклучително изложби, јавни собири и марш преку „Мостот на мачениците на 15 јули“ во Истанбул, во Турција денеска ќе биде одбележана десетгодишнината од неуспешниот обид за воен преврат во кој загинаа повеќе од 250 лица.
Комеморациите се одржуваат под мотото „Нашата волја, нашата победа“, а денот е прогласен за државен празник во знак на сеќавање на настаните од 2016 година. „Мостот на мачениците на 15 јули“, порано познат како „Босфорски мост“, беше преименуван по обидот за пуч во знак на сеќавање на загинатите.
На денешен ден пред десет години, делови од турската армија се обидоа да ја соборат владата на претседателот Реџеп Таип Ердоган. Судири меѓу пучистите и силите лојални на владата имаше во Истанбул и главниот град Анкара.
Откако Ердоган ги повика граѓаните да излезат на улиците, бунтовничките војници отворија оган врз цивили користејќи тенкови и воени авиони. Претседателот го избегна обидот за атентат.
Пред обидот за пуч да биде задушен, загинаа повеќе од 250 луѓе, а над две илјади беа повредени.
Ердоган за обидот за соборување на власта го обвини движењето на проповедникот Фетулах Ѓулен, кој во тоа време живееше во егзил во САД. Сепак, настаните никогаш не беа предмет на независна истрага.
По неуспешниот пуч, за време на вонредната состојба, со декрет беа отпуштени повеќе од сто илјади вработени во јавниот сектор, меѓу кои универзитетски професори, судии и полициски службеници. Десетици илјади луѓе беа уапсени, а бројни медиуми и издавачки куќи беа затворени.
МИА
Ново на Сител
-

Дизелот поскапува за 6 денари, бензините за 3 денари за литар
-

Тема на денот со Арун Кумар Саху, амбасадор на Индија во Македонија
-

Уапсена директорката на Комуналец во Гостивар, резултати од анализите не се соопштуваат
-

Уапсена директорката на Комуналец во Гостивар, резултати од анализите не се соопштуваат
-

Повеќе од 3000 граѓани со стомачни тегоби во Гостивар побарале лекарска помош
-

Политички реакции за епидемијата на заразна болест во Гостивар
-

Пад на трошоците за живот во јули: Синдикалната минимална кошничка намалена за 156 денари
-

Новите амбасадори во Лондон, Хаг и Камбера добија зелено светло од Собранието
