Македонија
9. May 2016 - 15:18

Тура на УНЕСКО во Источниот плански регион по повод Денот на музеите

Кога едно културно добро од некоја држава ќе се најде на одредена листа на светско културно наследство на човештвото креирана од УНЕСКО, тоа само по себе не значи добивка на материјални средства, туку промоција која треба умно да се искористи.

Ова за МИА го истакна Василка Димитровска, археолог и професионален туристички водич, по повод првата „Тура на УНЕСКО во ИПР“ која се организира во Источниот плански регион во рамки на одбележувањето на Денот на музеите 2016.

- Од особена важност е општините на ИПР да соработуваат со туристичкиот сектор за креирање понуди и тури со цел да се промовираат, но воедно и да ја десеминираат својата работа во однос на културното наследство со граѓанскиот сектор преку разни проекти. Тоа е само еден од начините ИПР како регион да излезе од анонимност и да предизвика интерес кај домашните и странските вљубеници на нашата богата традција и култура, истакна Димитровска.

Целта на оваа тура е популаризација на домашното културно наследство за македонските граѓани, а поводот е Меѓународниот ден на музеите.

- Тимот на ХАЕМУС беше дел од стратегијата на ИПР за туризам (2016-2015) каде акцентот особено го ставивме на две добра од овој регион ставени на листата на УНЕСКО како нематеријално културно наследство на човештвото (обичајот Четрсе и орото Копачка). Третиот обичај „мартинките", кој особено се практикува во Пијанечко, е се уште во процедура да се заштити како светско наследство со мултинационална апликација која Македонија заедно со Романија, Бугарија и Молдавија ја поднесе исто така во УНЕСКО. На овој начин, ИПР стекнува легитимно право да биде издвоен како регион на УНЕСКО. За оваа тура го избравме  ритуалот „Четрсе", со што првпат во една тура на нашиот УНЕСКО Клуб „Хаемус" е вклучена и атракција од листата на УНЕСКО, рече Димитровска.

Првата тура на УНЕСКО на истокот побудил интерес кај вљубениците на македонската култура и традиција.

- Досегашното искуство ни покажало дека голем дел од македонските граѓани се свесни за културното наследство кое го поседува нашата држава и сакаат да го посетат. Не постои строга граница во однос на возраста кај посетителите на овие тури, но ги дели страста да дознаат нешто повеќе за својата и за културите и обичаите со кои сме опкружени. Од таа причина секојпат се трудиме нашите екскурзии покрај туристичка, да имаа и едукативна димензија. Со текот на годините создадовме доверба кај луѓето кои ја следат работата на Хаемус и на нашиот клуб и не поддржуваат во активностите што ни дава поттик за некои идни проекти, рече Димитровска.

Меѓународниот ден на музеите, кој од 1977 година се одбележува на 18 мај, вклучува илјадници музеи од светот, а се практикуваат најразлични настани, како посети на археолошки поставки, тури до локалитети и изложби кои се дел од локалните музеи, а треба да го привлечат вниманието на луѓето, пред се, кон сопственото културно-историско наследство.

Оваа година темата на Меѓународниот ден на музеите е „Културен пејзаж“. По овој повод,  „УНЕСКО Клубот ХАЕМУС“ - Скопје во соработка со Музеј на град Штип, на 15 мај ќе ја реализира целодневната екскурзија насловена „УНЕСКО Тура низ Источниот плански регион”.