Македонија
3. March 2020 - 13:19

Трипуновски: Контроли на храната лани не се правени шест месеци

Дополнителниот заменик-министер за земјоделство, шумарство и водостопанство, Цветан Трипуновски денеска го повтори обвинувањето изнесено вчера, дека Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ) скоро шест месеци лани не вршела контрола на безбедноста и квалитетот на храната.

Според Трипуновски, директорот на АХВ Зоран Атанасов и тогашниот премиер Зоран Заев продолжуваат да лажат, наместо да и се извинат на јавноста.

-Зоран Заев и Зоран Атанасов продолжуваат да ја лажат македонската јавност.  Наместо да и се извинат на јавноста, грубо лажат дека вршеле проверка на храната. Проверка не е вршена. Ова се документите кои потврдуваат дека АХВ не вршела проверка на храната скоро половина година. Никој не знае што јаделе граѓаните тогаш. Обврска на АХВ е мониторинг програмите да бидат навреме донесени и да се спроведуваат континуирано. Одговорноста е законска, но и морална зашто се работи за здравјето на народот. Затоа, изговор не смее да има, изјави Трипуновски.

Документите што ги покажа денеска пред Министерството и вчера на прес-конференција, а кои наводно се доказ дека АХВ не вршела контроли, Трипуновски ги добил, како што рече, од лица кои не ги познава, загрижени за својата безбедност.

-Документите ги доставија луѓе загрижени за својата безбедност. Јас лицата не ги познавам, тоа се претпоставувам загрижени граѓани кои ми ги доставија документите во анонимна форма. Документите се официјални, од Агенцијата. И вчера ги презентирав пред јавноста. Со моето стапување на функцијата дополнителен заменик-министер, писмено побарав податоци за спроведувањето на мониторинг програмите. За жал, одговор на тој допис не добив. Побарав средба со Атанасов, остварив средба, но на средбата повторно не добив одговор на ова прашање, а овие документи кои ги имам денеска, докажуваат дека АХВ има вакуум простор повеќе од шест месеци во кој не се спроведени мониторинг програмите во делот на безбедноста и квалитетот на храната, напомена Трипуновски.

Тој вчера на прес-конференција во Министерството за земјоделство рече дека АХВ речиси половина година не вршела никаква проверка на безбедноста на храната и дека граѓаните не знаеле дали можеби јадат месо со антибиотици и тешки метали, млеко со афлатоксини, јајца со органофосфорни соединенија или генетски модифицирани организми. Воедно го повика Јавното обвинителство да отвори истрага и да утврди дали во периодот од 05.06 до 11.11.2019, кога според него, не се вршел мониторинг, имало штета врз здравјето на граѓаните. Притоа, тој го впери прстот за одговорноста директно во тогашниот премиер Зоран Заев и во директорот на АХВ, Зоран Атанасов.

АХВ потоа изнесе демант на обвинувањата на Трипуновски, квалификувајќи ги како дилетантски и неосновани. Воедно му порача на дополнителниот заменик-министер дека досега требаше да научи што се официјални контроли, а што мониторинг-програмите и да почне да прави разлика.