Македонија
18. March 2016 - 8:30

Трибина „Македонија како книжевна и духовна дестинација на Европа“ во Париз

Трибина „Македонија како книжевна и духовна дестинација на Европа“ ќе се одржи денеска, во рамки на претставувањето на македонското книжевно творештво на Меѓународниот саем на книгата во Париз. 

На трибината ќе присуствуваат авторите Луан Старова, Јордан Плевнеш, Владимир Мартиновски и професорот на универзитетот Сорбона Фабрис Д’алмеида. Ќе има и претставници од реномирани книжевни институции, како интернационалниот поетски фестивал „Пролет на поетите“, кој секоја година се одржува во Париз, поетското биенале на Франција, познати француски поети, издавачи, новинари, претставници од францускиот ПЕН центар.

Во текот на денов ќе се одржи и поетско читање „Македонија, светски центар на поезијата“ на кое ќе учествуваат поетите Владимир Мартиновски, Никола Маџиров и други француски автори. 

На македонскиот штанд, преку комесарите - издавачките куќи „Три“, „Арс Ламина“ и „Култура“ се претставени над 400 вредни книги на македонски автори, монографии и публикации на повеќе издавачи и на повеќе институции од Република Македонија, кои го презентираат нашето богато културно наследство, македонската традиција, историја, уметност, култура и туристичките потенцијали.

Пред посетителите е претставена и капиталната едиција „Превод на 135 тома македонска книжевност на англиски јазик“ и Антологијата на македонската книжевност во шест тома, објавена на француски јазик во издание на НУБ „Св. Климент Охридски“. 

Во насока на покомлексно претставување на македонската литература подготвен е и еден обемен каталог „Средби на писмата/ културите“, во кој на француски јазик се прикажани македонските книжевни вредности. Каталогот, чии уредници се проф. д-р Лидија Капушевска-Дракулевска, проф. д-р Соња Стојменска-Елзесер и проф. д-р Владимир Мартиновски, е конципиран и замислен како место на средби меѓу различни книжевни писма, поетики и пристапи на автори во сферата на прозното, поетското и драмското творештво. 

Во каталогот се застапени некои од најзначајните современи македонски раскажувачи и поети, а последниот дел од каталогот е посветен на драмското творештво на Република Македонија, со селекција на сегменти од авторските дела на еминентните македонски драматурзи.

На саемот на книгата, кој се одржува во парискиот центар Порт де Версај, годинава учествуваат повеќе од 1.200 издавачи, претставници на 50 држави од Европа и светот и над 4.500 автори. Саемот е едно од најзначајните средишта за претставување на издавачката индустрија од целиот свет. Саемот го посетуваат над 200.000 посетители.