Три дена жалост по масакрот во Цетиње
Тридневна жалост во Црна Гора по синоќешниот масакр во Цетиње, во кој беа убиени десетмина, а шест лица се повредени, од кои еден е во животна опасност. Регионот е во шок по грозоморниот настан во кој меѓу загинатите има и две малолетни лица.
Според првичните информации од истрагата, убиецот со ловџиска пушка ги застрелал потстанарите во неговата куќа, мајка со две деца, а потоа излегол надвор и почнал да пука кон сите кои се нашле пред него, вклучувајќи роднини, соседи, пријатели. Тој испукал стотина куршуми.
Црногорските медиуми пренесуваат дека ужасот во населбата Медовина траел скоро цел час, а напаѓачот пукал дури и во брзата помош која интервенирала на терен.
По долгата престрелка на крајот напаѓачот прво бил ранет од страна на еден од полицајците и потоа конечно бил совладан и убиен од еден од соседите, со што бил ставен крај на масакрот.
Телото на убиецот е предадено на обдукција, која покажува дека телото на 34-годишниот Вук Бориловиќ бил погоден со најмалку пет куршуми.
Повеќекратниот убиец немал криминално досие, а работел како келнер во Националниот парк Ловќен, имал три деца и бил ловец на дивеч, поради што и поседувал дозвола за оружјето.
Полицијата сè уште преговара со соседот кој го усмртил напаѓачот. Локалните медиуми јавуваат дека соседот ќе се предаде доколку судот не му одреди притвор. Црногорската јавност, пак, го слави како херој, кој спречил бројот на жртви да биде уште поголем.
-
Мирјана Јовеска
Сите содржини од овој новинар