Македонија
25. January 2019 - 16:35

Три дечиња болни од рак заразени со морбили

Три деца болни од рак заразени со морбили на Детската клиника. Нивната здравствена состојба засега е стабилна. Едно од децата по третманот е пуштено на домашно лекување.

-Тоа се деца од хематоокнолошкиот оддел кои се заболени во тек на примање на терапија. Ова се деца кои престојуваат на Оддделот за хематоонкологија и кои за викенди одат во дневна болница и доаѓаат, изјави д-р Катерина Ставриќ, директор на Клиниката за детски болести.

Од почетокот на епидемијата вкупно 8 здравствени работници од Детската клиника биле заразени со морбили. Работеле во амбулантата каде имале директен контакт со веќе заболени. Сите биле вакцинирани, но повеќето со само една доза.

- Лицата кои се родени по 1982 година имаат примено две дози вакцина, но има и постар персонал кој има примено само една доза од вакцината, изјави д-р Ставриќ.

Вчера на инфективна биле регистрирани уште 8 нови случаи со морбили. Две лица се задржани на лекување. Во моментот на Клиниката се хоспитализирани 20-тина пациенти со мали сипаници.

-Ситуацијата будно се следи и се држи под контрола, изјави д-р Милена Стевановиќ, директор на Клиниката за инфективни болести.

Од почетокот на епидемијата со МРП биле вакцинирани 4200 лица. За 624-те вакцини со погрешни декларации Агенцијата за лекови донесе решение да бидат уништени.

- Повлечените количини од лекот PIORIX(ПРИОРИКС) се со погрешна налепница и не може да се дозволи да се употребуваат, соопштија од МАЛМЕД.

Уништувањето на вакцините во Дрисла нема да се случи уште десетина дена бидејќи печката за медицински отпад е во дефект и работат на промена на соодветниот дел, потврди за Сител директорот на депонијата.