Три автобуси од ЈСП Скопје на располагање на Битола
Општина Битола од Град Скопје доби три автобуси од ЈСП Скопје кои ќе им бидат на располагање наредните шест месеци, а ќе ги користат согласно потребите. Градоначалничката вели дека ќе се користат за потребите на граѓаните, но и во ситуации како вчера, кога учениците останаа без превоз.
„Денес автобусите беа испратени до соодветни дестинации, затоа што требаше возачите прво да ги видат можните релации, без никаква друга намера, освен, доколку имаме некоја ситуација, како што беше случајот со вчерашната ненајавена ситуација, сепак да немаме деца кои што нема да бидат доведени до своите училишта“, рече НАТАША ПЕТРОВСКА, ГРАДОНАЧАЛНИК НА БИТОЛА.
После вчерашниот протест на превозниците пред зградата на општината, градоначалничката рече дека тие денеска ги превезуваат учениците до училиштата. Потенцираше дека останува отворена за решавање на проблемите.
Инаку дел од превозниците вчера обвинија дека додека протестирале, општината на црно пуштила автобуси да превезува ученици. Но градоначалничката рече дека тоа е возило регистрирано на општината со свој шофер, и дека она што го направила не е незаконито, затоа што не биле превезувани други патници, туку ученици до училишта чиј основач е Општина Битола.
-
Маја Богоевска
Сите содржини од овој новинар
