Свет
7. March 2022 - 21:14

Трета рунда преговори Украина – Русија – има ли надеж за прекин на огнот?

Нема значаен успех во преговорите меѓу Украина и Русија. По неколкучасовниот трет состанок на преговарачките делегации од двете држави, позитивно поместување има само кај прашањето што се однесува на хуманитарните коридори.

„Заврши третата рунда преговори. Има мали позитивни поместувања во подобрување на логистиката на хуманитарните коридори. Продолжуваме со интензивни консултации за основните политички блокади на регулативите, како и за прекин на огнот и гарантирање на безбедноста“, изјави Михаил Подолјак, член на украинската делегација.

Од состанокот што се одржа во белоруски Брест, руската делегација не е задоволна од преговорите и велат дека не очекуваат решавање на спорот ниту со следниот состанок, иако се со позитивен став за хуманитарните конвои.

„Се надевам дека хуманитарните коридори во Украина ќе профункционираат од утре. Русија дури предложи во преговорите отворање нови хуманитарни коридори.
Очекувањата од преговорите не се исполнети, а сите документи што руската делегација ги донесе на преговарачката маса, делегацијата од Киев ги понесе со себе, со цел да ги проучат“, изјави шефот на руската делегација Владимир Медински.

Претходно завојуваните страни немаа договор ниту за хуманитарните маршрути. За Русите единствена опција беше евакуацијата на цивилите од Киев да се одвива преку Белорусија, а тие од истокот на Украина да се извлекуваат во Русија, но тоа беше неприфатливо за украинската страна.

Инаку, иако Украина секојдневно повикува на мирно решавање на спорот, Русија останува цврсто на своите позиции дека прекин на огнот ќе има само доколку Украина ги исполни сите три услови: да се откаже од НАТО аспирациите, да ја признае независноста на Доњецк и Луганск, како и Крим за руски и секако, државата да се демилитализира.