Македонија
6. October 2017 - 8:34

Трета конференција на Кина и земјите од Централна и Источна Европа

Улогата на т.н. „човечки капитал“ во рамки на иницијативата за меѓународен економски развој „Еден појас, еден пат“ ќе биде во фокусот на Третата меѓународна конференција на Кина и земјите од Централна и Источна Европа, што денеска и утре ќе се одржи во Охрид, со учесници од 15 држави од четири континенти.

Професори од универзитети од САД, Кина, Македонија, Австралија, Полска, Романија, Индија, Словенија, Катар, Унгарија, Србија, Англија... ќе дебатираат за бенифитите од иницијативата, а ќе бидат претставени истражувања за областите: економија,  Централна  и Источна Европа и Кина, и јазикот и културата.

На отворањето најавено е обраќање на претседателот на Република Македонија, Ѓорге Иванов. 

- Иницијативата е особено важна за регионалната соработка и развојот преку трговската размена, инвестиците и инфраструктурата, оценија организаторите на конференцијата, институтите „Конфуциј“ при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје и Универзитетот Љубљана, Југозападниот универзитет за финансии и економија во Ченгду и Универзитетот за меѓународен бизнис и економија во Шангај.

Во иницијативата „Еден појас-еден пат“, иницирана од кинескиот претседател Кси Џинпинг во 2013 година, земјите од Централна и Источна Европа, се опфатени со посебен механизам 16 плус 1.

Првата конференција за Кина и земјите од Централна и Источна Европа на тема „Меѓукултурен дијалог, образование и бизнис” се одржа во 2013 година во Љубљана, домаќин на втоарата беше Краков, каде пак се дебатираше на темата „Општество и култури во транзиција“.