Живот
26. November 2023 - 16:34

Трета фаза од реконструкцијата на најдолгиот иконостас во земјава во црквата „Свето Благовештение“ во Прилеп

Во тек е третата фаза или трета година по ред од реконструкција и реставрација на еден од најначајните иконостаси во Македонија, во врквата Свето Благовешетение во Прилеп, кој е стар над 180 години. Тој е најдолг иконостас во Македонија со должина скоро 17 метри, а висок е 6. Тој е трет во Македонија според својата вредност, после иконостасите во црквата Св. Спас во Скопје и иној во Бигорскиот манастир. Го изработила тајфата на познатиот копаничар Петре Филипоски – Гарката. Годинава се реставрира јужниот дел.

„Првите две години ги третиравме северниот и средниот дел на иконостасот и еве третата година го завршуваме јужниот дел. Паралелно оди санацијата на дрвениот дел и паралелно се одвива санацијата на иконите кои го збогатуваат овој иконостас. Мислам дека в година ќе работиме на статиката на овој иконостас и мислам  дека ќе ги задоволиме потребите овој иконостас и овој споменик на културата да го заштитиме како едно значајно културно наследство“, вели Горан Цветкоски, директор на Завод и Музеј Прилеп.

Иконостасот со децении беше оставен без никаква заштита и постоеше опасност да падне. Носечките столбови се испукани и изедени од црвојадина, а дел од помалите икони кои се на него се тотално уништени. Делови пак од уникатните резби подолг период паѓаа од самиот иконостас, а свештениците ги собираат и ги чуваат во посебна просторија.

„Се врши суво и полувлажно чистење на иконостасот, а потоа се врши инектирање кај црвојадните отвори и пукнатини, консолидација на дрвната маса од предната страна на иконостасот. Како и конзервација на вградените икони кои не се довршени  на јужната страна. Додека оваа година од задната страна на конструкцијата на иконостасот е започнато отстранувањето на маслена боја која била нанесена во миантото за да се стигне до автентичната површина до дрвото“, додаде Оливера Макриевска, конзерватор, раководител на проектот за заштита на иконостасот.

Последен пат некаква заштита на иконостасот е правена во 1991 година, односно фумигација, заштита од бактерии и штетници. В година се очеклува да биде финалната фаза на реконструкцијата со неговото статичко зацврстување кое што треба за долг период да го заштити ова ремек дело.