Македонија
5. October 2018 - 16:32

Трет ден нема превоз за средношколците во битолско

Веќе трет ден средношколците кои учат во Битола, а доаѓаат од околните општини, не одат на училиште, бидејќи останаа без бесплатен училишен превоз. На ова реагираат и родителите на учениците од подалечните села Бач, Гермијан и Живојно.

-Досега имаше превоз, од средата превоз нема. Децата што беа наутро на училиште, почекаа, видоа нема превоз и си дојдоа дома. Ние немаме ни редовна линија, немаме никаков превоз, изјави Милица Неделковска, мајка на средношколка од с. Гермијан. 

-Да се обезбеди превозот како што беа редовните линии и проблемот ќе биде решен. Сега слушаме на дете по 400 денари дневна карта, тоа е 8000-9000 месечно, две деца, 20.000 денари. Бараме поддршка од професорите во Битола, исто и од директорите, инаку и за нив ќе нема работа, рече Борче Ивановски, родител на средношколец од с. Гермијан. 

Согласно измените на законот за превоз во патниот сообраќај, превозот ќе биде овозможен со редовните линии по цени за сите останати патници, а училиштата спроведуваат активности на адаптирање на новите законски одредби. На овој начин Општина Битола треба да го реши проблемот со превозот, за кој велат дека е основен причинител на финансискиот колапс во битолските училишта.

-Имаме ситуации каде линискиот превоз, одредени превозници, не им дозволуваат на учениците да се качат дури и кога сакаат да платат. Се ќе направам за да конечно битолските училишта да не се урнисуваат на начин на кој тоа  било правено во изминатиот период. Ги разгледувам и правните можности Општина Битола директно да ги рефундира средствата на родителите. Но нема да попуштам во суми кои крајно изгледаат неразумни. Имаме општини во државата кои веќе се усогласија со постоечкиот закон, изјави Наташа Петровска, градоначалник на Битола.

Во понеделник, Советот на Општина Битола треба да го донесе и тарифникот за линискиот превоз. Превозниците пак за понеделник најавуваат протест, за време на седницата на Советот, затоа што велат дека не биле консултирани за новите цени кои за нив не се економски исплатливи.