Свет
8. October 2017 - 10:47

Трамп: Само една работа ќе успее при соочување со Северна Кореја; Ким возвраќа

Американскиот претседател Доналд Трамп изјави синоќа дека „само една работа“ ќе има ефект при соочување со Северна Кореја, а само неколку часа подоцна севернокорејските медиуми јавија дека лидерот Ким Џонг-ун нагласил дека нивното нуклеарно оружје е „моќно средство за одвраќање“ што  гарантира суверенитет на државата.

- Претседатели и нивните администрации 25 години преговарале со Северна Кореја, постигнати се договори и огромно количество пари се потрошени. Не успеа, договорите се прекршени пред да се исуши мастилото, и поради тоа американските преговарачи се вистински будали. Извинете, но само една работа ќе успее!, напиша Трамп на Твитер.

Тој сепак, не објасни на која работа мисли.

Трамп неодамна истакна дека САД ќе ја уништат Северна Кореја доколку биде неопходно, со цел да се заштитат себеси и своите сојузници.

Севернокорејскиот лидер Ким Џонг-ун нагласи дека нивното нуклеарно оружје е "моќна, застрашувачка сила што одвраќа", и тоа ја гарантира сувереноста на Северна Кореја. 

Во синоќешен говор на состанок на ЦК на владејачката Работничка партија, државните медиуми објавија дека Ким се осврнал на "сложената меѓународна ситуација".

- Нуклеарното оружје на Северна Кореја е "моќна, застрашувачка сила што одвраќа и цврсто го штити мирот и безбедноста на Корејскиот полуостров и Североисточна Азија", рекол Ким, осврнувајќи се на "долготрајните нуклеарни закани на американските империјалисти".

– Националната економија има раст оваа година, и покрај санкциите, навел Ким во врска со резолуциите на СБ на ОН со кои се воведоа санкции против режимот во Пјонгјаг заради нуклеарната и ракетна програма.

На состанокот се направени и неколку персонални промени во власта.

Сестрата на Ким, Ким Јо Џонг (30) е назначена за заменик член на Политбирото, највисоко тело со кое претседава претседателот на државата, јавуваат јужнокорејски медиуми. 

Таа се наоѓа на американската листа на санкции заедно со други севернокорејски официјални лица. Нејзиното именување во тоа влијателно тело ја зацврстува улогата на семејството Ким во Северна Кореја, оценуваат аналитичари.

Унапредени се и Ким Џонг Сик и Ри Пјонг Кол, двајца од тројцата луѓе кои стојат зад ракетната програма на Пјонгјанг.

Севернокорејскиот шеф на дипломатијата, Ри Јонг Хо е унапреден во член на Политбирото со полно право на глас. Тој неодамна во ГС на ОН одржа говор против Трамп нарекувајќи го „претседател на злото“.